Сторија за фудбалерот кој исчезна во авионска несреќа кај Ла Манш

Во слободно време сакал да гледа филмови со Че Гевара, да го чита Коељо, да учи за фенг-шуи и да ја осознава африканската култура од која потекнувал голем дел од неговите соиграчи.

Меѓу Франција и Велика Британија исчезна мал авион во кој бил Емилијано Сала, најскапо платениот фудбалер во историјата на Кардиф (15 милиони фунти). Кардиф е велшки фудбалски клуб кој игра во англиската Премиер лига.

Сала веќе пристигнал во клубот, но посакал само да се врати на кратко во Франција и да се поздрави со соиграчите, тренерите, управата и навивачите.

Откако го завршил сето тоа, Сала на враќање назад за Велс исчезнува во авиончето кое според англиските медиуми му го понудил претседателот на Кардиф. Станува збор за Piper Malibu, туристички авион кој е со мали димензии.

Авионот тргнал во 19:15 од Нант, а во 20:23 се губи од радарот кај островчето Гернси.

Piper PA-46

Судејќи по зборовите на раководителите на спасувачката операција, шанси за преживување на Емилијано, другиот патник и пилотот не постојат.

ПОСТИГНАЛ ПОЛА ГОЛОВИ ЗА НАНТ, ТРЕНЕРОТ САКАЛ ДА ПОЧНЕ СЕЗОНА БЕЗ НЕГО

Високиот центарфор Емилијано Сала се израдувал на повикот на Кардиф.

Пред три месеци славел 28-ми роденден, во Франција живеел и играл на професионално ниво веќе 7-ма година па посакал да се проба во друга средина.

Сезонава Аргентинецот играл неверојатно: постигнал 12 од 26 гола за Нант кој се наоѓа на 14. место во француската Лига 1. Докажал дека листата на стрелци во Франција не е само тројката која игра во Париз.

Во клубот одамна не виделе толкава понуда каква што добиле за него од Кардиф. Претходно најголем клупски трансфер била продажбата на Жордан Верету за 9 милиони фунти во Астон Вила во август 2015.

****

Сè се сменило за пола година. Уште минатото лето, Сала му кажал на тренерот Мигел Кардозо дека би сакал да замине, а овој му возвратил дека е спремен да ја почне сезоната без него. Поради тоа, во последниот ден од летниот преоден рок за малку не потпишал со Галатасарај.

Но кога Сала постигнал два гола со ножички во првите три меча, тренерот сменил мислење:

„Бев огорчен дури и бесен. Пред мечот против Стразбур (3:2 во четвртото коло) се чувствував неважно. Му кажав на Кардозо дека не сум способен да играм максимално ангажирано. Кога дадов гол, го направив тој гест (устата ја затнав со рака) - сигнал дека мојот единствен одговор на критиките се моите нозе“, рекол Сала за L’Equipe.

Во месец октомври 2018, тренерот Кардозо го избркале поради слаби резултати и на негово место дошол Вахид Халилхоџиќ, легенда на екс-ју фудбалот кој е многу почитуван во Франција каде играл и бил тренер.

Токму со легендарниот Ваха Нант ја освоил титулата во 1982/1983 а следната 83/84 Халилхоџиќ бил најдобар стрелец со 29 гола.

Вахид докажал дека знае како да работи со центарфорите и гарантирал за Сала.

Кога Емилијано продолжил да постигнува голови, тренерот бил воодушевен:

„Нему му плаќаат за голови, што ви е чудно? Поважно е нешто друго. Кога јас дојдов овде, дечкото беше срозан. Но сега се издигна и покажа дека е спремен да работи. Он не е од тие напаѓачи на кои сме навикнати денес. Сала е многу висок (187 см), игра со грб кон голот, но притоа дава максимална острина на нашиот напад“, рекол Вахид Халилхоџиќ.

(од јули до септември под Мигел Кардозо постигнал четири гола, а од октомври до декември кај Вахид Халилхоџиќ дал осум погодоци).

Високиот Аргентинец, миленик на навивачите на Нант својот стил го опишал вака: „Јас можеби изгледам несмасен, но сакам да се движам по целата зона во нападот. Не сакам статично да стојам во место. Можам да се спуштам пониско и да му помогнам на средниот ред. Должен сум не само да се отворам, туку и правилно да дејствувам во напад.“

ВО ДЕТСТВОТО ГЛЕДАЛ ПРЕМИЕР ЛИГА

Емилијано Сала е пораснат во Прогезо, аргентинско градче во провинцијата Санта Фе (истокот од централниот дел на Аргентина).

Ова градче имало околу 3.000 луѓе, сите се познавале меѓу себе, се поздравувале и си оделе на гости. Во детството Емилијано Сала висел пред телевизор и не сакал да ја гледа аргентинската лига како другите комшии, туку само Премиер лига - поради Арсенал со Анри и Пирес.

Мајка му, голем навивач на Бока не сфаќала како тој не сака да гледа домашен фудбал.

До 15 години Сала тренирал фудбал во родната провинција, а потоа отишол во аргентинскиот град Сан Франсиско (запад од централниот дел на земјата) и таму дошол во академијата Proyecto Crecer. Оваа фудбалска школа соработувала со пар клубови од Шпанија и Франција каде ги праќале најталентираните деца.

СЕЛИДБА ВО ФРАНЦИЈА

На 20 години, Емилијано Сала стасал до младинците на Бордо. Но иако дошол како надежен талент, тој две години не успеал да се пробие до првиот тим и му барал на менаџерот да му најде нов клуб.

А кога во 2012-та му дале каква таква шанса во првиот тим на Бордо, тој не ја искористил. Дал само 1 гол на 11 натпревари и логично било да го дадат на позајмица. Шетал по северна Франција. Прво го позајмиле во третолигашот Орлеан, па во второлигашот Ниор.

Сала дал 37 голови за две сезони и станал ѕвезда на втора и трета лига па го привлекол вниманието врз себе.

„Мислам дека е здраво да се учи од другите, да се откриваат нови нешта. Во фудбалот среќавам многу интересни луѓе, со други култури, со друг начин на живот. И мене тоа ми се допаѓа. Зборувам со луѓе од разни слоеви на општеството и ако имам шанса ќе одам во нивните земји да дознаам нешто повеќе. Тоа ми е голема желба“, раскажал Сала еднаш за APP.

Во сезоната 2014/2015 Емилијано Сала бил четврти стрелец на листата бомбардери во Лига 2 каде играл за Ниор.

Во интервју за SoFoot се споредил себе со Батистута: „Мислам дека имам слични карактеристики, но ќе се трудам да изучам разни видови напаѓачи. Гледам многу фудбал на телевизија и внимателно набљудувам: движењата, играта во шеснаесетник и пред гол, голови - се ми е интересно. Потоа кога се наоѓам во такви ситуации го применувам тоа.“

Сала се надевал дека Бордо го следел неговиот развој, но не дочекал да го вратат во првиот тим. Во сезоната 2015/2016 Нант за 1 милион евра го купил Аргентинецот кој бил на позајмица во Каен.

САКАЛ ФЕНГ-ШУИ И ГО ЧИТАЛ КОЕЛЈО

Емилијано бил многу поврзан со семејството: во Франција тој секој ден им се јавувал на своите родители, а на Ватс-Ап се допишувал со брат му и сестра му.

„Го открив светот благодарение на мама. Таа никогаш не ми викаше “не“. Ние живеевме скромно (познато е дека татко му работел како камионџија), но таа секогаш ни угодуваше нам. Како растев, научив да ги сакам и да им помагам на луѓет“, рекол Сала.

Омилен филм на Емилијано му бил „Че Гевара: дневникот на мотоциклистот“ - road-movie за тоа како во 1952-ра Че Гевара заедно со другарите патувал по Латинска Америка. Сала го гледал сигурно 5-6 пати.

„Многу ме трогна колку им помагаа на луѓето, иако ни самите немаа ништо. Тргнуваа на пат без пари. Таквите принципи ми се многу блиски.“

Во 2017 Емилијано Сала раскажал дека читал книга за фенг-шуи и сакал да дознае како редот во домот влијае на односот кон животот, смртта и емоциите.

Од странска литература го бирал бразилскиот писател Пауло Коелјо и сакал да филозофира во интервјуата: „Сакам да бидам познат напаѓач, но признанијата не ми се битни. Се трудам да оставам печат таму каде сум сега, сакам да бидам дел од историјата на Нант. На крај, се се случува како ќе посакаме, само стремежот е важен.“

Сакал да чита и детективски романи и ретко тргнувал на гостување без да понесе книга. Пробал да свири и гитара, но со ова почнал подоцна и брзо ја оставил дома. Уживал во прошетките со својот лабрадот Наја.

На десната рака Сала имал тетоважа со девизата Toujours jusqu’à la victoire (може да се преведе како “Секогаш до победа“). Еднаш ја објаснил оваа тетоважа: „Не сакам да губам. Да кажеме изгубиме, а јас не дадам ниту гол, многу лошо се чувствувам.“

И покрај овие тврдења, тој важел за скромен и ранлив дечко. „Можам срцето да и го предадам на девојка, но ако ме изневери, го менувам односот во целост.“

Тој уште немал 30 години а знаел што би сакал да прави по крај на кариерата. Ниту бизнис, ниту да стане тренер.

Планот на Сала бил крајно нетипичен за спортист. Тој сакал да живее во Африка: „Знам многу африкански играчи, со нив имам многу близок однос. Сакам да учам а таа култура ме привлекува. Сакам да навлезам во неа, да ја разберам подлабоко.“

****

Сала никогаш не го викнале за репрезентацијата, но после Светското 2018 во Русија тој изградил сериозен имиџ: дал многу голови (во еден момент повеќе и од Меси, Игуаин, Икарди и Агуери). Давал големи интервјуа за L'Equipe и за The Guardian. Твитер профилот на Opta пишувал за неговите 13 шута и 10 гола на 11 меча.

Пред две години Сала за сајтот на обединети фудбалери на Франција рекол: „Ми се допаѓа Шпанија, по тој пат одат многу латиноамериканци, но јас би сакал да играм во Англија.“

Сонот му бил сосема близу. Пред да се врати во Велс каде потпишал договор со Кардиф, Сала се поздравил со поранешните соиграчи и тренери од Нант. Пред да тргне назад му се пожалил на еден соиграч дека летот до Нант му бил многу немирен и лош.

Во Кардиф го очекувале околу 21:00 часот во понеделник но од него нема ниту трага ниту глас. Авионот на Сала од Франција тргнал кон 19:15 часот, а денеска се појави и гласовна порака од него.