Срамен пораз на Македонија

Македонската фудбалска репрезентација ја заврши сезоната во Лига на нации со неочекуван пораз од Бугарија од 0:1, селекција која ја доминиравме на првиот дуел во Разград и која ги нема реномето и квалитетот што ги имаше. Бледа игра на момците на Милевски од кои се очекуваше многу повеќе.

Мечот почна лошо за нашите фудбалери кои по само 14 минути игра останаа без Тодор Тодоровски кој поради опасен стар доби црвен. Тоа ги измеша брзините на Милевски кој го извади Александар Трајковски и ја пополни дупката во одбрана со Стефан Ашковски.

Првата сериозна шанса на мечот се случи во 24 минута кога Милан Ристовски биеше силно од околу 20 метри, удар кој го принуди бугарскиот голман да исфрли во корнер.

Само три минути подоцна се заканија и Бугарите, но напаѓачкото дуо Кирилов - Десподов се сплетка во шеснаесетник.

Македонија се повлече после црвениот картон и се реши за подефанзивна игра, а гостите беа полетни, напаѓаа за нијанса повеќе и покажаа голема борба.

Сè на сè здодевни 45 минути во кои Бугарите го имаа поседот на топка, за разлика од нашите фудбалери кои одиграа далеку послабо од дуелот против Грузија.

Летаргичната игра на Македонија гостите ја казнија со пеколна контра, а големата радост на Бугарите им ја донесе Кирил Десподов по само 5 минути игра во второто полувреме.

Предноста можеше многу брзо и да ја дуплираат, да не беше повратникот во националниот тим Бејтулаи кој спаси чист гол на сама линија.

Милевски во 62 минута направи двојна измена. Во игра влегоа Љупчо Дориев и Стефан Спировски на местото на Милан Ристовски и Бојан Миовски.

Македонија се разбуди и изврши жесток притисок во напад со три големи шанси по ред. Најпрвин Бугарите спасија чист гол на линија слично како ние пред голот на Димитриевски, потоа од далеку се закани Алиоски, па следуваше опасен центар шут во петерецот по кој скокна цела клупа со резерви.

Во средина од второто полувреме мечот повторно стана здодевен, без шанси, но и без игра на Македонија. Во последните 10 минути нова шанса имаше Алиоски, но Бугарите не беа статични и повторно беа опасни од контри.

Македонија ги завршува настапите во Лига на нации под очекувањата, како третопласирана репрезентација со две победи, едно реми и три порази.

Следните предизвици се редовните квалификации за ЕП 2024 за кои ќе има ждрепка следниот месец.