Што рекоа за Пандев Жозе Мурињо и Давор Шукер

За фудбалер со 400 настапи во Серија А, 9 трофеи и разни мајсторски голови против Баерн, Јуве, Рома, Милан, не може да не зборува во суперлативи и еден Жозе Мурињо. Човекот кој му рече: Ако дојдеш ќе ја сменам формацијата во 4-2-3-1 и ти и Ето ќе бидете главни играчи на Интер.

За тоа колкава е големината и габаритот на Горан Пандев вчера пристигна уште една потврда, а тоа одлуката на престижниот „Goal.com“ да го смести во најдобриот состав на Интер на сите времиња и тоа во друштво на Ѕенга, Бергоми, Фери, Бонучи, Факети, Корсо, Ориали, Мацола, Делвекио, Балотели.

Пандев е само шестиот странски фудбалер со одиграни 400 прволигашки средби во Италија заедно со Занети, Хамшиќ, Хандановиќ, Алтафини и Хамрин.

Освои шест трофеи со Интер, два со Наполи и еден со Лацио каде сè уште го држи приматот на најдобар стрелец меѓу странците со 64 гола. Напаѓачи како Креспо и Клосе се зад него.

И да не редиме повеќе извонредни факти што не можат да се наредат за друг македонски фудбалер, туку да видиме што велат за него еден светски славен тренер, една хрватска легенда и четири познати фудбалски имиња од Македонија.

Жозе Мурињо:

„Горан Пандев е веројатно најдобриот играч во историјата на Македонија. Играч со невиден преглед во играта, креативец, непредвидлив дриблер, фудбалер кој може да игра на повеќе позиции. Генијалец кој игра со леснотија, кој толку добро ја познава фудбалската игра, како ретко кој фудбалер. Секогаш колегијален, секогаш за тимот, играч кој многу ни помогна да дојдеме до титулата во ЛШ. Фудбалер кој би бил првотимец и носител на играта и во многу поголема фудбалска репрезентација. Со еден збор лидер, легенда, човек со кој имав одлична соработка, и за кого секогаш ќе зборувам во суперлатив“.

Давор Шукер:

„Некогаш тоа беше Панчев, сега тоа е Пандев. Треба да бидете горди и на двајцата. Се надевам дека после нив ќе дојде некој трет во македонскиот фудбал. Не е мала работа со Интер да ги освоиш сите можни трофеи“.

Гоце Седлоски:

„Драго ми е што мојот рекорд со настапи за репрезентација го стигна еден таков фудбалер. Воопшто не е лесно да се одиграат 100 натпревари за репрезентација. Јас долги години му бев капитен и секогаш ги слушаше моите совети. Се радувам на неговите успеси на клупски план каде што освои се што може еден играч да освои“.

Ѓоко Хаџиевски:

„Не треба човек да е паметен и да каже мислење за еден таков играч. Во Македонија од него се бараше да игра сам и тоа да кажам во тим со послаб квалитет од она што го има во клубот. Секако дека мора да се почитува еден ваков играч и јас му го честитам овој јубилеј“.

Ѓоре Јовановски:

„Многу има да се говори за Горан и се само во суперлатив. Тој е икона во македонскиот фудбал, бренд што трае долги години. Голема величина, вложува во спортот, во инфраструктура свои пари. Секако дека му честитам на јубилејот и секако дека ќе присуствувам на мечот со Летонија на кој ќе го одигра 100-от натпревар за Македонија“.

Митко Стојковски:

„Жалам што ете не играв со него во репрезентацијата. Голем фудбалер, голем човек и пред се голема ѕвезда. За мене тој во поново време е нашиот најдобар фудбалер и заедно со Дарко Панчев се најдобрите во историјата на македонскиот фудбал“.

21 март 2019 - 15:04