Што побарал газдата на Лестер од Раниери на првата нивна средба

Шриваданапрабха беше претседател во англискиот фудбал со најтешко презиме за изговарање, но сепак скромен и тивок човек кој ги урна стереотипите на недопирлив газда. Тој се дружеше со навивачите и го бараше минимумот од тренерот.

Тајландскиот милијардер не беше од оние препотентни газди на клубови кој мислат само на луксузноста на авионите и јахтите. Во 19-то коло од сезоната 2015/2016 во знак на благодарност за поддршката, секој навивач на стадион го почести со по едно пиво.

Навивачите на Лестер прво биле скептични кога пристигнал, поради тоа што и Манчестер Сити доби сопственик од Тајланд кој заврши во затвор. Но Вишаи Шриваданапрабха со своето однесувањеја стекнал довербата во градот, а целите кои му ги поставил на Раниери се смешни во однос на историскиот успех до кој стигнаа.

Опстанок во Премиер лигата, па дури и премија од 6,5 милиони фунти за сите во тимот.

„Се сеќавам на првата средба со претседателот кога пристигнав во Лестер. Седна до мене и ми рече: `Клаудио, ова е важна година за нас, мора да се спасиме и да останеме во Премиер лигата`.

Мојот одговор беше ок, ќе работиме напорно и ќе се обидеме да го направиме тоа.

Целта беше да се остварат 40 бодови. Кога ќе се навратам назад, никогаш не би си замислил дека ќе отворам весник во април и ќе го видам Лестер прв на табела.

Знаев дека ќе имаме нови навивачи кои не следат и во Америка. Добредојдовте и среќни сме што сте со нас. Посакувам да го сакате начинот на кој играме фудбал, како и да ги сакате нашите играчи, бидејќи тоа што го прават е неверојатно.

Можеби слушнавте за нивните имиња дури сега. Играчи кои беа сметани за многу мали или бавни за во други големи екипи. Канте, Варди, Морган, Марез...Кога го одржав со нив првиот тренинг и им го забележав квалитетот, сфатив колку можат да бидат големи.

Тоа е мал клуб кој му покажа на светот што може да достигне со духот на тимот и мотивацијата.

26 играчи, 26 различни мозоци, но само едно срце“.

Така зборуваше Клаудио Раниери за бајката која стана реалност благодарение пред се на Шриваданапрабха, човекот кој го создаде шампионскиот мозаик составен од непознати играчи желни за докажување и тренер со неуспешна мисија во Грција и без ниту еден трофеј во претходните 30 години кариера.

Милијардерот од Тајланд влезе онаму каде што веројатно ретки ќе бидат оние кои ќе успеат да влезат во иднина. Во историјата на Лестер каде никој нема да го заборави.

Азиецот го купи Лестер во 2010, а прогресот на клубот се движеше вака:

2010: Плејоф во Чемпионшип
2011: 10-то место во Чемпионшип
2012: 9-то место во Чемпионшип
2013: Плејоф во Чемпионшип
2014: Шампиони во Чемпионшип
2015: Промоција во Премиер лига
2016: Шампиони во Премиер лига
2017: Четвртфинале во Лига на шампиони

29 октомври 2018 - 15:59