Што ако Роналдо има 300 милиони кога не може да седне на раат во кафана како Милко

Го облече дресот и на Ѕвезда и за Партизан. Беше репрезентативец и на Југославија и на Македонија. Роден е во Тетово, ама најголема ѕвезда е во Гронинген. Него не можеше да го легнеш во 11 навечер за да биде свеж на тренинг. Сакаше да го живее животот. И го живееше.

На 17 декември 1994-та година Македонија ја оствари првата победа од осамостојувањето во еден квалификациски циклус. Се играа квалификации за ЕП 1996 на кои завршивме четврти, а за жал таа прва победа ни беше единствена во група.

Македонија – Кипар 3:0, хет-трик на Бошко Ѓуровски кој во 2013-та ќе стане селектор. Понапред од него во тандем со Зоран Бошковски Чоко имаше еден друг Ѓуровски по име Милко кој е брат. Легенда, не само на Ѕвезда, Партизан и на југословенскиот фудбал, туку легенда и како човек.

Милко имаше 3 настапи за Македонија и 6 за Југославија со која го освои бронзениот медал на Летните Олимписки игри во САД 1984-та. Холандскиот сајт vi.nl му направи едно опширно и многу интересно интервју во кое со одговорите самиот кажува што човек е.

Вака го претставуваат:

Пред неколку децении се гледаа неговите магични дриблинзи, неговите душевни снимки на далечина, на стадион што веќе не е таму. Сепак никој од Гронинген нема да го заборави. Затоа што Милко Ѓуровски не се заборава. Најголемиот култен херој што некогаш Гронинген го имал, како брилијантен, така и мрзелив.

Надвор од фудбалот, во тие четири сезони во Гронинген каде настапуваше на почетокот на 90-те за него се пишуваше: Ѓуровски пуши, тежок алкохоличар е, редовен гостин во ноќниот живот, зависник од коцкање, опкружен со убави жени, како и дел од криминали во Југославија и шверцер на злато.

Но Милко е отворен во душата и сам ќе признае што од ова е точно, а што не.

Пушиш?

Пушев, пиев и сакав да одам во казино, но приказни дека сум бил криминалец и дека сум тргувал со злато беше лага, ниту па тоа дека сум се дрогирал. Јас без проблем пушев и на стадион и знаев дека сите ме гледаат, ама кога ќе излезев на терен секогаш го давав максимумот и затоа никој ништо не ми велеше. Секој играч треба да го прави тоа што му е ќеиф. Татко ми Никола отсекогаш пуши па ене го 92 години има.

Тоа што знаеме последно е дека Ѓуровски беше тренер во Сараево во 2016-та, но што прави сега?

„Што правам сега? Ништо. Стар сум и уморен.

Ако кажеме дека имаш само 56 години?

Слушај пријателе. Додека си во дваесетти уште си дете, потоа до 35 си млад, животот ти е прекрасен и светот е на твоите нозе. Потоа си семеен човек и жената и децата ти е најважни. После педесетта е катастрофа. Ќе видиш, после 50 ќе се сетиш што сум ти кажал. Од таа возраст почнуваат болките. Но знаеш што е најважно за мене? Дека духовно се чувствувам добро. Во паметот сум се уште младиот Милко.

Како ти поминуваат деновите?

Кога немам тренерски ангажман, тогаш сум тука во Марибор со жена ми Андреа. Станувам рано, пијам чај или кафе, таа оди на работа, јас одам во кафуле и таму пијам чај или кафе, потоа одам во уште едно кафуле, пак пијам чај или кафе и се враќам дома, ама полека. Па гледам телевизија. Потоа Андреа се прибира, а јас обично готвам. Во 19 гледаме вести и пиеме кафе, потоа еден филм па во кревет. Тогаш сум уморен. Следното утро се будам во 6 и го правам истото. Во Марибор секој ден е ист, тоа е проблемот. Не само за мене, се чини сите во Марибор се уморни. Досадно е тука. Добар град е ама за кога ќе имаш 70 години.

Вака живееш сега, а како живееше кога беше фудбалер?

Па спротивното од ова не беше лошо. Јас живеев за двајца мажи, но веќе 20 години не пијам ни капка алкохол. Во 1998-ма година играв малку во Канзас. Таму пиев многу виски. Кога се вратив дома, се разбудив еден ден и решив повеќе да не пијам. Решив и се уште се придржувам на тоа. Зошто повеќе не пијам? Не знам, можеби затоа имам малку луд карактер.

Пред шест години се пресели во мал стан и излезе од голем стан 250 квадрати. Зошто?

Преголем беше, особено кога одам некаде да работам, Андреа живее сама. Сега имам стан од 60/70 квадрати. Таман е тоа, а толкав имавме и во Гронинген. Не ми смета што е мал станот, не ме интересира луксуз. Прекрасно ми е. Пред се јас не бев ѕвезда, јас сум секогаш Милко. Ги сакав луѓето во Грониген. Кога ќе излезев во 1 по полноќ, никој не ме прашуваше што правам. Не ме осудуваа. Јас не бев тогаш Милко Ѓуровски фудбалерот, туку гостин кој излегол на пијачка. Исто беше и кога играв во Ѕвезда и Партизан. Јас не излегував таму каде што беше тренд, туку во помалите барови каде што излегуваше народот.

Мене никогаш не ме интересираа парите. Што ако Кристијано Роналдо има 300 милиони во банка кога нема живот. Тој не може како нас да седне во кафана. Јас сакам да имам слобода. Ова е мојот живот и сакам да го правам она што го сакам. Го правам тоа сега, а тоа што сакав го правев и кога бев фудбалер и во Гронинген и во Југославија. Исто така бидејќи знаев дека по завршувањето на кариерата никој нема да ме погледне.

Секој месец добивам по малку пари заради тоа трето место на Олимписките игри, но што е со остатокот? Ништо. Станав шампион со Ѕвезда и Партизан, постигнав многу голови. Но мислиш дека ми се јавил некој претседател од клубовите да праша како си Милко? Никој не се јавил. Така оди тоа во фудбалот. Те сакаат само додека играш фудбал, после тоа ништо. Фудбалот е убава игра, додека играш убаво, но се од околу е срање. Ова не е мојот свет. Болно е. Парите го уништија фудбалот.

И за крај анегдотата кога требал да оди во затвор бидејќи во Југославија возел со невалидна возачка дозвола.

Кога направив трансфер во Партизан еден џандар, инаку навивач на Партизан ми даде лажна возачка дозвола. Мене ми изгледаше вистинска, но бројот беше погрешен. Така возев две години. Во една прилика ме сопре друг џандар, голем навивач на Црвена Ѕвезда. За нив останав засекогаш непријател бидејќи заиграв за нивниот најомразен клуб. Џандарот откри дека возачката ми е лажна и требаше 6 месеци да лежам во затвор. Но потоа се среди работата.

Милко Ѓуровски е двократен шампион на Југославија со Ѕвезда (1981 и 1984) со кој има освоено и два купа, а првак на Југославија стана и со Партизан (1987). Син му е Марио Ѓуровски кој игра во Тајланд.

28 февруари 2019 - 14:40