Сакал да биде пилот, на 25 години завршил кариера и стана светски тренер со ПСЖ и Челси

Германската девиза дека рецепт за успех е талент 10% а 90% макотрпна работа и труд, најдобро може да се види преку примерот на човекот кој со голем успех ги тренираше Мајнц, Борусија Дортмунд и ПСЖ а сега руши рекорди со Челси.

Томас Тухел е роден на 29 август 1973 година. Мајката на идниот финалист на Лига на шампиони, Габриела работела како куќна помошничка па домот секогаш им бил совршено чист и организиран како аптека.

Татко му Рудолф работел како тренер на деца во локалниот клуб Крумбах од истоимено градче со 10.000 жители на 130 километри од Минхен. Томас почнал да ја тркала топката на 6 години и редовно доаѓал на тренинзи зошто теренот им бил на петнаесет минути од дома.

Во фудбалот се вљубил благодарение на легендарната Борусија Менхенгладбах од '70-те и '80-те години која доминирала во Бундеслига а во 1977 година играла со Ливерпул во финале на Куп на европски шампиони.

Главен играч на таа генерација бил култниот Јуп Хајнкес кој подоцна како тренер со Баерн Минхен освои се што можеше да се освои. Тухел еднаш на прес-конференција кажа како неговиот сакан идол еднаш му „го скршил срцето“.

„Имав 14 години, со другарите лизгавме на лизгалиште. Им се јавив на моите да ги слушнам и мајка ми ми кажа дека Јуп после 8 години во Борусија Менхенгладба оди во Баерн Минхен. На пат до дома плачев и ги тргнав сите постери од Борусија“.

Татко му Рудолф му бил прв тренер и го научил најважни вештини: лидерство и логичка перцепција на светот, клучни квалитети на еден тренер.

Така формираниот начин на размислување го поттикнал малиот Томас на 9 години да сака кога ќе порасне да биде пилот на спасувачки хеликоптер. Тој никогаш не го оставил школото ради фудбал. Не само што тренирал во фудбалската академија кај татко му, туку играл и за школската екипа во одбојка. Веќе тогаш им бил како тренер на другарите.

ПРВИТЕ ТИТУЛИ И ОДНОС СО АЛКОХОЛОТ

На 15 години Томас Тухел отишол да игра во Аугзбург (40 километри од Крумбах) Претходно со средношколската екипа од гимназијата Зимперт-Кремер освоил државно училишно првенство на Западна Германија со финале играно во Берлин. Тухел играл бек.

Во родниот клуб Крумбах се вратил подоцна но како тренер кога го имал првото искуство. Купувал топки и оброци за малите играчи но поради несогласување со претседателот Вернер Цапе заминал. Поради тоа што сакал да оди во поголем град и клуб во родниот крај му замерувале за снобизам.

Тренирал и играл за јуниорите на Аугзбург но продолжил да настапува и за својата гимназија. Две години по титулата, гимназијата Зимперт-Крмаер стигнала до полуфинале но изгубила.

„Првиот пат во Берлин седевме во студентски дом додека не не однесоа на Олимпискиот стадион. А после две години веќе имавме по 16 години и излегувавме и купувавме пиво“, раскажал Тухел во интервју за ZEITmagazin MANN и новинарот Кристоф Аменд.

Тухел се жалел дека не трпел многу алкохол и објаснил дека тоа што изгубиле во полуфинале ги натерало другарите да пијат. На почетокот на кариерата Томас брзо се навикнал во Аугзбург и освоил два младински Купа на Германија. Со него играл Али Ханоглу кој во едно интервју за L’Équipe:

„Веќе на 18 години Тухел беше толку дисциплиниран што не само што стана капитен туку и десна рака на тренерот Хајнер Шуман. После триумф во финалето на Купот 1992 против Ајнтрахт (Томас го отворил резултатот со гол), претседателот Питер Биркс ни даде големи преми и ни кажа: „Веселете се и славете но не заборавајте дека тргаме назад за Аугзбург во девет сабајле“. После ние пиевме цела ноќ, Томас беше со нас но не се напи ни капка алкохол“.

НАЈМНОГУ УЧЕЛ ОД РАЊИК

Лидерските способности на Томас и добрата команда со одбраната на Аугзбург придонеле да го викнат во јуниорската репрезентација на Германија. Таму играл со децата на Баерн - Дитмар Хаман и Макс Еберле (спортски директор на Менхенгладбах).

Тухел играл како стопер или последен играч во реден ред. Запишал само 3 настапи за јуниорската репрезентација на Германија но потпишал прв професионален договор со Штутгартер Кикерс каде десет години претходно започнал Јирген Клинсман.

Таму веќе бил во друштво на постари и поискусни играчи (голманот Ритмајер бил десет години постар од него), па Тухел тешко можел да командува со екипата и не бил лидер. Направил и неколку грешки а добил и критики од татко му.

После две слаби сезони во Штугартер Кикерс се преселил во Улм каде одново станал водечки играч во одбраната.

„Како другар беше многу мил, ама на терен не даваше никому простор и урлаше кога некој ќе згреши“, се сеќава Роланд Регенбоген кој играл во одбрана на Улм со Тухел.

Томас не само што бил стопер туку и ја проучувал тактиката на противниците и учел како работи тренерот на Улм, Ралф Рањик. Тухел дури и храбро му контрирал на легендарниот Рањик и го гледал непобедливиот Ајакс на Ван Гал. Во третата година во Улм го заболело десното колено. Пола година се мачел, играл под инјекции но веќе коленото му се воспалило и болката станала неподнослива. Не можел ниту по скали да се симнува од болки, а хирург кога го видел се шокирал и му рекол дека има колена како 40-годишник.

После операцијата Тухел пробал да се врати на терен но тоа му донело само нови болки. Ралф Рањик го внел Улм во втора Бундеслига а Тухел морал да бира по кој пат ќе продолжи.

Можел да заборави на теренот, а пари немал доволно зошто се што имал дал за операција (осигурување не му покривало ништо зошто не се повредил за време на натпревар).

Маркус Кауфман, автор на биографијата на Тухел напишал дека Томас бил разочаран и ги распродал сите свои фудбалски работи. Се вработил во пекара каде никој не го знаел и каде можел да заборави на фудбалското фијаско.

После неколку месеци со помош на Ралф Рањик, Тухел пробал да ја обнови својата играчка кариера како фудбалер во резервниот тим на Штутгарт но на 25 години решил дека е доста со мачење.

За да не падне во депресија отишол да работи како келнер, па како шанкер во Radio Bar на Ротербухплац во строгиот центар на Штутгарт. 

„Прво беше тешко да прашувам непознати дали им треба моја помош, ама го пребродив тој срам и сфатив дека луѓето во мене гледаат само келнер а не пропаднат фудбалер“, рекол Тухел во интервју за ZEITmagazin MANN.

Заработувал пристојно и запознал познати лица. Секоја вечер се забавувал и тоа го одвлекло од фудбалскиот крах. Еднаш на радио слушнал вест како Улм влегол во елитната Бундеслига и тоа му било сол на раната. „Каква штета! Тоа беше моја желба!“. Работел уште половина час, им кажал на колегите дека заминува и веќе никогаш не се вратил во барот.

ГО ТРЕНИРАЛ НАГЕЛСМАН ПА ГО ЗЕМАЛ ЗА ПОМОШНИК, А ВО БУНДЕСЛИГА ДЕБИТИРАЛ ПРОТИВ ХАЈНКЕС

Во летото 2000-та година Ралф Рањик го препорачал Тухел во академијата на Штутгарт и Томас почнал да работи таму со 13 и 14-годишни фудбалери. Во негова класа биле децата Сами Кедира, Марио Гомез, Андреас Бек, Сердар Ташчи и Холгер Бадштубер чиј татко Херман го учел Тухел тренерски занает.

„Уште до ден-денес не сум сретнал тренер што толку знае. Истовремено скромен и креативен, непрекинато критички ја согледува својата работа. Многу влијаеше на мене и ми беше како втор татко. Благодарение на него (Херман Бадштубер) почнав да уживам во улогата тренер“, му раскажал Тухел еднаш на Харук Грубер од Spox.com.

Во 2004 Томас му станал помошник на Ханс-Мартин Кљајиќ во Штутгарт У-19 и со него го освоиле младинскиот шампионат на Гемрнија. Тухел не бил промовиран погоре и решил да се врати во Аугзбург но сега како директор на академијата и тренер на У-18.

Притоа живеел во Улм, а потоа и во Минхен од каде секој ден возел до Аузгбург со старо Ауди. Кога колата му се расипала одел со автобус а после на тренинзи го возела девојка му и идна жена Сиси.

Кога дипломирал на тренерската академија Хенес Вајсвалер, Тухел ги презел младинците на Аугзбург и го тренирал својот земјак (роден близу Крумбах) 190-сантиметри високиот стопер Јулијан Нагелсман. Судбината решила на 20-ина години и Нагелсман поради незгодна повреда на коленото да го напушти фудбалот и да му стане помошник на Тухел. Заедно работеле и се дружеле со авторот Курт Идризовиќ со кого дискутирале политика и литература.

Не можел да ги реализира сите тренерски идеи во Аугзбург, па откако добил понуда од спортскиот директор на Мајнц Штефан Хофман, со задоволство сменил работа.

„Измисли многу нови вежби. Тренинзите беа толку многу интересни што младите играчи не сакаа да си одат дома, видоа дека созреваат благодарение на Томас. Им се допаѓаше неговата строгост. На пример на еден тренинг камп во Австрија држеше тренинг од три-четири часа но играчите сакаа да продолжат да тренираат“, раскажал еднаш шефот на академијата на Мајнц, Волкер Керстинг.

После 1 година младинците на Мајнц со Андре Ширле во нападот во финале на младинскиот шампионат ја победиле Борусија Дортмунд за која играле Марио Геце и брат му Фабијан. Директорот на Мајнц, Кристијан Хајдел рекол: „За мене таа победа е голема како прв тим да влезе во Бундеслига“.  

Тухел после еден месец бил поставен за главен тренер на прв тим на Мајнц. Претседателот му рекол: „Сакам првиот тим да игра како твојот У-19 тим. Сакам таков менталитет, дух, атмосфера“.

Цели 10 години откако ја оставил шанкерската работа во бар и само неколку недели откако му се родила првата ќерка, дебитирал во Бундеслига и тоа во меч против најголемиот идол од своето детство: Јуп Хајнкес.

После ремито 2:2 благодарение на голот на Даниел Гинкел кој влегол од клупа, лидерот на Мајнц Андреас Иваншиц рекол дека Тухел и ја пренел цела страст на екипата. „Се ежевме пред секој натпревар од неговите говори“.

Го прекорувале дека го имитирал неговиот претходник Јирген Клоп и во Мајнц а после и во Дортмунд, па Тухел еднаш рекол: „Јас исто сакам да носам блузони со капуљача, но мојот однос со Клоп е ограничен на петминутен разговор на телефон“.

После шест години во Мајнц го наследил Клоп во Борусија Дортмунд а откако дознал дека Јирген потпишал договор со Ливерпул рекол: „Сега веќе го знам својот следен клуб“.

СЕ КОНСУЛТИРА СО ПСИХОЛОЗИ ЗА ДА ГИ СМЕНИ ТРЕНИНЗИТЕ, А МОТИВИРАЛ И СО ЗБОРОВИ ОД АЛ ПАЧИНО

По дебито во Мајнц, Томас Тухел го земал за помошник Арно Михелс кој бил тренер на шестолигашот Морбах. Три години претходно заедно завршиле курс во тренерска академија а после соработуваа и во Дортмунд и во Париз.

На првиот заеднички меч дома го чекале Баерн на Ван Гал. Пред мечот Тухел на играчите им пуштил говор од Ал Пачино од филмот Any Given Sunday. Пред крајот од првата полусезона во 2009/2019 Мајнц не победил на шест меча по ред. Тухел имал несоница. Му се враќал филмот од еден тежок пораз во младинскиот фудбал но триумф на Хановер од 1:0 со гол на Ширле го извлекол тимот од криза.

Се консултирал и со специјалист за работа на главниот мозок од универзитетот „Јохан Гутенберг“, па решил секоја недела да ги освежува тренинзите со нови идеи за да им ги разубави на искусните и постари играчи меѓу кои и нашиот Николче Новески кој беше капитен на тој Мајнц и клупска икона.

Сите тренинзи биле адаптирани на претстојниот противник а Тухел цела недела однапред собирал информации за следниот ривал.

Во есента 2010-та година Мајнц цели пет недели беше лидер во Бундеслигата и тоа беше главна сензација во Европа.

„Мајнц е друштво на мотивирани играчи со радост да учат ново од Тухел. Тој не живее од натпревар до натпревар туку од тренинг до тренинг. Мајнц лесно се преориентира во зависност од противникот но интензивниот пресинг и брз премин од одбрана во напад и обратно останува“, напишал новинарот Рафаел Хонигштајн во 2010-та.

Понатаму во кариерата со голем успех ја водеше Борусија Дортмунд, со ПСЖ стигна до финале на Лига на шампиони и освои во Франција се што може да се освои. Сега е во Челси каде стаса до 1/4 финале на ЛШ и постави нов клупски рекорд со 13 меча без пораз на клупата.