Резервите на Јуве глупаво е да се наречат резерви

Со оглед на тоа каков избор имаат на клупа, не знаеш од кого повеќе да се плашиш, дали од нив или од тие што ќе истрчаат први. Синоќа на Сан Сиро, Сари во второ ги внесе Игуаин и Бентакур кои со една акција ја украдоа сцената.

Тим со 8 Скудета по ред по ниту една логика не може да има ростер од 11 играчи за почит и уште нешто ситно колку за помош во второ. Нема шанси. Газда Ањели и тие околу него тоа го знаат многу добро и затоа изградија гигант кој е страв и трепет во Италија и пошироко.

Интер направи одличен трансфер пазар, донесе респектабилен тренер, тргна јако и самоуверено со 6 од 6, но самиот Антонио Конте кој многу добро знае колку е саат во Јуве, после поразот изјави:

„Тие се од друга категорија според сите гледишта, не можеме да направиме споредби. Постои јаз и тоа е важно“.

Покрај опасната стартна постава во формација 4-3-3, Маурицио Сари има многу други опции, а тоа е се разбира долгата клупа. Синоќа во Милано како замени влегоа Игуаин, Бентакур и Емре Чан. Кај Интер тоа беа Вечино, Бастони и Политано. Разликата е евидентна.

Импактот на Пипита е непроценлив. Бентакур му ја направи победничката асистенција и тоа беше game over. И не само тоа, Уругваецот вршеше многу пресинг и се уфрлуваше како и секогаш. Емре Чан беше помалку впечатлив од двајца Јужноамериканци, но сепак даде рамнотежа во средина и успеа да го ограничи во нападите Барела.

Плус да не заборавиме дека го имаат и Кјелини кој се враќа дури на пролет, како и другите повредени Даглас Коста, Данило, Де Шиљо и Перин. Без разлика на нивното отсуство, Јуве има клупа на ниво. На Сан Сиро немаше простор за Рамзи, Рабио, Демирал и Ругани.

Преку 300 милиони евра вредат резервите на Јуве, што правиме муабет повеќе, а Сари е свесен со што располага.

„Имаме простор за подобрување затоа што тренирам индивидуално силен тим со клупа која секогаш има многу квалитет“.

Ако во Италија никој не држи таков луксуз како Бјанконерите, во Европа има најмалку пет екипи кои имаат изобилство на квалитетни играчи.

Во ПСЖ кој во саботата славеше 4:0 против Анжер, Тухел ги доведе на клупа Абду Диало, Анхел Ди Марија, Лајвин Курзава и Томас Меуниер. Поради повреда го немаше Дракслер.

Гвардиола кој киксна дома со Вувлерхемптон исто така не може да се пожали. Поради повреда ги нема на располагање Сане, Лапорт, Стоунс и Де Брујне, а на клупа вчера ги имаше Габриел Жезус, Бернандо Силва, Олександр Зинченко, Филд Фоден и Клаудио Браво.

Ливерпул го совлада Лестер 2:1 без повредените Алисон, Клин, Матип и Шаќири. На Клоп резерви му беа Кеита, Лалана, Ориги и Хендерсон.

Зинедин Зидан против Гранада на клупа ги имаше Иско, Јовиќ, Милитао, Родриго, Модриќ и Хамес Родригез, но не и повредените Асенсио, Куртоа, Марсело, Менди и Начи.

Кај Барса против Севиља на клупа седеа Жорди Алба, Араујо, Бускетс, Ансу Фати, Гризман и Ракитиќ.

Значи може да заклучиме дека ова е од прилика тоа елитно друштво во Европа каде секој тренер може да состави по два квалитетни тима.

7 октомври 2019 - 15:49