Рекорден старт на Интер подобар и од времето со Мурињо

Ако треба да се оценува, Интер е за 10-ка, изјави Лучано Спалети. И во право е бидејќи за разлика од ланската сезона во истиот период тимот има дури 15 бода повеќе, а тоа е скок од 14-то на 2-ро место.

Интер синоќа ја збриша и Верона на гости и со тоа ја задржа втората позиција на табелата во Серија А. Има еден бод повеќе од Јуве и Лацио кои се на делба на третата и четвртата позиција и два бода помалку од лидерот Наполи.
 
Нероаѕурите сезонава се неприкосновени со 9 победи и 2 нерешени и заедно со Наполитанците се единствените две екипи без пораз во италијанскиот фудбалски шампионат. Реми одиграа со Болоња и Наполи, а ги совладаа Фиорентина, Рома, СПАЛ, Кротоне, Џенова, Беневенто, Милан, Сампдорија и Верона.
 
Спалети до сега успеа да освои 29 бода, за разлика од лансата сезона на Интер под водство на Де Бур, а потоа на Пиоли кога имаше 14 бода на првите 11 средби. Сега Интер има постигнато 9 бода повеќе и примено 6 гола помалку. Прогресот на табелата е очигледен, од 14-та на 2-ра позиција.

Ваков старт на сезоната Интер немал од воведувањето на три бода за победа во 1993/1994, па ниту во историската сезона со Мурињо кој им донесе тројна круна. Тогаш имаа 28 бода, односно 9 победи, нерешено со Бари и пораз од Сампдорија.
 
Интер немаше ваков почеток ниту во фантастичните сезони со Симони 1997/1998, Манчини 2006/2007 и Страмачони 2012/2013.
 
Она што е за издвојување е константниот состав на кој инсистира Лучано Спалети. Тој е единствен тренер сезонава во Серија А кој на 5 меча пуштил едни исти 11 играчи кои инаку ги распоредува во формација 4-2-3-1.

Уште еден куриозитет. Спалети сезонава има рекорден старт во Интер, но оној тим на Мурињо кој во оваа фаза имаше освоено 28 бода, беше лидер на табела со 7 бода предност пред Јувентус.
31 октомври 2017 - 11:17