Реал - Наполи кога Сари бил банкар, Зидан дете, а Марадона не се видел

На 16. септември 1987 Реал го победил Наполи во првиот меч од Купот на Шампиони. Се играло на празен Бернабеу, а Марадона не се видел.Пред 30 години ниту со Диего Марадона Наполитанците не успеале да направат подвиг против големиот Реал.

Наполи со скудето во џебот заиграл во елитниот Куп на Шампиони (тогаш играле само шампионите на своите земји) и им се паднало „прво па машко“: Реал Мадрид.

Реал на Мичел, Гајего, Васкез, Бутрагењео, Сантиљана, предводени од холандскиот тренер Лео Бенхакер (3 титули во Шпанија на клупата на Реал и 34 меча без пораз). Тој дуел Реал - Наполи се играл на ’Сантијаго Бернабеу’ но ниту прилбижно во атмосфера каква што вечерва ги чека Хамшик и другарите.

Реал Мадрид отслужувал казна поради нереди на навивачите и играл пред затворени врати. Во тишина ’Кралевите’ победиле 2-0 со неверојатниот Гареља. Мичел во 18’ минута го отворил резултатот од пенал, а во 76’ Де Наполи си дал автогол за 2-0 и ги ставил Италијанците пред тежок испит пред возвратниот дуел.

Реваншот се играл пред 83.828 гледачи на ’Сан Паоло’ (ова е официјална бројка, иако во реалност се тискале многу повеќе). Пеколната атмосфера не му помогнала на Наполи и мечот завршил 1-1, така што тимот од градот под Везув брзо испаднал од Европа. 

Во тоа време, 15-годишниот Зидан влегувал во младинскиот тим на Кан, а Маурицио Сари работел уште во банка. Кристијано Роналдо имал 2-ипол години, а мајките на Хамшик и Мертенс ги доеле своите бебиња.

Марадона, пак, веќе бил Марадона: Човек способен сам да ја води екипата до неверојатни победи (Мундијалот со Аргентина и скудетото со Наполи). Но Диего никогаш не можел да го прежали тој пораз вечерта во Мадрид кога не се видел на теренот.