Que sera, sera - Стиви Џи ѝ кажа крај на кариерата

Фудбалот останува без една од најголемите легенди во историјата. Големиот капитен Стивен Џерард денес ја затвори книгата од неговата фудбалска кариера.

По две сезони во американската лига каде го носеше дресот на ЛА Галакси, Стиви Џи реши да се збогува со активното играње фудбал.

Легендата на Ливерпул попладнево објави дека нема да продолжи да игра фудбал, иако имаше најави дека би можел уште да трча по топката во дресот на Селтик или на својот Ливерпул. Го поврзуваа и со Интер, но еден од најдобрите англиски фудбалери во историјата донесе конечна одлука.

Џерард ќе го паметиме по ефектни голови, по неверојатната борбеност со капитенската трака на раката и по неверојатната Истанбулска вечер во 2005-та кога го крена пехарот наменет за европскиот првак. Стиви Џи беше и остана симбол на играчите од средината на теренот во последните 20 години, фудбалер способен да игра еднакво добро пред одбраната и зад напаѓачите.

За Ливерпул ќе го паметат како најголемиот меѓу најголемите: 710 настапи за „Црвените“, 17 сезони од кои 14 како капитен пред да се пресели преку океанот. Откако заврши и се поздрави со луѓето од ЛА Галакси, клубот МК Донс му ја понуди тренерската позиција, но Џерард ги одби и иднината уште му е неизвесен.

Во трофејната сала Џерард има: Лига на шампиони, Куп на УЕФА, 2 Супер Купа на Европа, 2 ФА Купа, 3 Лига Купа и 2 Комјунити Шилд трофеи. Џерард ќе остане запаметен и по тоа што е играч кој му дал најмногу голови на омразениот Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“.

Во репрезентацијата на Англија, Стивен дебитираше во 2000-та и е четврт на листата рекордери по бројот на настапи (зад Бекам, Руни и Шилтон): 114 со 21 гол. Играше на шест големи манифестации: Европско 2000, 2004 и 2012 и Светско 2006, 2010, 2014 (го пропушти тоа во Јужна Кореа и Јапонија 2002 поради повреда).

Едно од најголемите разочарувања ќе му остане искуството со репрезентацијата: Иако играше во иста генерација со Овен, Бекам, Лампард, Тери и Фердинанд во дресот на „Гордиот Албион“ не стигна да се бори за ниту еден трофеј.

Во однос на клупскиот фудбал најголема рана на Џерард ќе му остане тоа што не ја освои Премиер лигата со Ливерпул, па дури ни тогаш кога беше најблизу: во 2014-та кога се лизна против Челси на Мурињо по што „Црвените“ примија гол и останаа без титулата.

Титулата му остана табу’ тема и во САД каде не успеа со ЛА Галакси да освои трофеј.

„Сакам да им се заблагодарам на сите во Ливерпул. Горд сум што играв и бев капитен на Ливерпул толку многу години. Имав среќа да играм покрај одлични играчи да работам со фантастични менаџери па сакам да им се заблагодарам на сите, како и на целиот персонал во клубот.

Посебно сакам да им се заблагодарам на Стив Хајвеј, Дејв Шанон и Хју Меколи за тоа што веруваа во мене кога напредував во академијата на Ливерпул и што ми дадоа основа да си го остварам сонот.

Сакам да им се заблагодарам на прекрасните фанови на Ливерпул, Англија и ЛА Галакси за неверојатната поддршка. Вашата поддршка и лојалност ми значеа многу“, стои во денешното соопштение на Стивен Џерард.