Првиот Кинез во историјата кој даде гол во еврокуп, милиони во Кина стануваат рано да го гледаат

На мечот ЦСКА Москва - Еспањол (0:2) во Лига Европа, најпопуларниот кинески фудбалер во моментов Ву Леи влезе во историјата како прв фудбалер од оваа земја кој ја затресол мрежата во некое европско натпреварување.

Ву Леи има 27 години. Најчесто игра како лево крило, но сезонава тренерот на Еспањол го користи и по десната страна. Во својата земја го нарекуваат кинескиот Марадона. За репрезентацијата на Кина веќе има 15 гола на 63 натпревари.

Леи стана единствениот Кинез во Топ5 европските лиги во моментов и најскап кинески фудбалер според Transfermarkt. Неговата вредност се проценува на 10 милиони евра, тоа е огромна сума за играч од најнаселената земја на светот.

Еспањол за Леи платил само 2 милиони евра, а заработката која што ја имаше од него како бренд ги надмина сите рекорди. Промоцијата на Ву во Еспањол ја следеле во живо дури 350 милиони Кинези.

Неговиот прв меч го гледале 40 милиони негови сонародници кои морале да станат порано поради големата временса разлика. Едно од видеата со неговиот прв гол за Еспањол сезонава го прегледале 11 милиони посетители.

Интересно, шпанската Ла Лига има одлични односи со Кина, првиот човек на шпанскиот фудбал Хавиер Тебас еднаш изјавил дека азискиот пазар е најважниот за развој. А Еспањол го доведе Леи поради тоа што сопственик на клубот е кинеската компанија Rastar.

„Верувале или не сега во Кина повеќе се гледа Еспањол отколку натпреварите на Реал и Барселона. Разликата е голема“, изјавил Тебас.

Клубот од Монжуик за да го задоволи кинескиот пазар има профили на кинески јазик на Инстаграм, Твитер и Фејсбук.

Кога Еспањол допатувал во Москва на меч од Лига Европа, неколку десетици Кинези го пречекале Ву Леи, нивниот идол кој им потпишувал автограми.

ПРВ СТРЕЛЕЦ ВО СВОЈАТА ЗЕМЈА

Леи е најдобриот голгетер во историјата на фудбалските лиги на Кина и најдобар играч во тамошниот шампионат за 2018 година. Тој минатата сезона постигнал 27 гола на 26 меча од кои дури три хет-трика!

Играл во иста екипа со Оскар и Халк. Со Халк сочинувале убиствен тандем. Двајцата заедно во лигата имале 40 гола и 25 асистенции.

Интересно во сениорски фудбал Ву Леи дебитирал на 14 години и 287 дена што е рекорд во професионалниот фудбал во Кина. Првиот гол го дал на 16 години и тоа е втор показател во Кина. Вкупно одиграл 344 натпревари на кои постигнал 169 гола.