Премиер лигата е побогата од БДП на 54 земји

Најскапата фудбалска лига во светот има повеќе пари од Бруто домашниот производ на Таџикистан како 141 земја во светот, но не и од Македонија која е четири места погоре со 9,576 милијарди долари во оваа категорија на споредување.

Англиските клубови од идната година ќе може да ги поместуваат граници во трошење пари и купување играчи, бидејќи за телевизиските права во периодот од 2016 до 2019 година ќе поделат рекордни 5,136 милијарди фунти (7,84 милијарди долари).

Сопственици и натаму остануваат Скај Спортс и Бритиш Телекомуникации кои минатиот пат пакетот го платија 3 милијарди фунти. Според новиот договор секој клуб во зависност од конечниот пласман на табелата ќе добие минимум по околу 100 милиони фунти, а англискиот шампион ќе заработи околу 155 милиони фунти.

Со оглед на тоа што првиот договор за преноси на натпреварите од Премиер лигата кој бил потпишан во 1992 година изнесувал 191 милиони фунти, сега вредноста му е дури 27 пати поголема.

Sportingintelligence астрономската сума на пари ја спореди со 54-те земји кои имаат помал Бруто домашен производ од сумата која двата англиски телекомуникациски гиганти ќе им ја исплати на 20-те клубови за три сезони.

11 февруари 2015 - 16:41