Премиер лигашите потрошија скоро милијарда фунти за засилувања

Англиските клубови не го урнаа рекордот во јануарскиот преоден рок, но сезонава ги поместија границите во трошење за трансфери на годишно ниво. Италијанците изминатиов месец потрошија половина помалку од нив, а Французите една четвртина.

Оваа сезона во Премиер лигата беа потрошени 965 милиони фунти за засилувања, а тоа е апсолутен рекорд во фудбалот. Минатата сезона таа цифра изнесуваше 760 милиони, а пред 10 години скоро четири пати помалку.

Тоа што се лидери во трошење кога почнуваат периодите за трансфери не е ништо ново, бидејќи 20-те клубови во Премиер лигата од тв права добиваат и делат сума од 5,5 милијарди фунти.

Консултантската компанија Делоит донесе неколку заклучоци од истражувањето на оваа тема од последните 12 сезони:

- Клубовите од Премиер лигата во јануари 2015 година потрошија 130 милиони фунти за засилувања. Истата сума ја издвоија и лани, а рекордот го направија во 2011-та кога потрошија 225 милиони,

- 50% од играчите за кои потрошија 65 милиони фунти беа од странство, 42% или 55 милиони од клубови од сопственото првенство, а 8% или 10 милиони од пониските англиски лиги.

- Овој јануари Англичаните во последниот ден од преодниот рок за засилувањата дадоа 45 милиони фунти, а лани на истиот ден 35 милиони.

- Манчестер Сити, Челси и Арсенал беа најголеми потрошувачи кои учествуваат со 50% од вкупната сума на потрошени пари.

- Во изминатава декада, Премиерлигашите во јануарскиот преоден рок беа секогаш најактивни и најпривлечни за следење, за разлика од другите европските лиги. Тоа се должи на цврстиот механизам кој функционира со тв правата од каде влечат најмногу средства.

- Клубовите од Серија А се вторите најголеми потрошувачи во јануари годинава кои потрошија двојно помалку пари од Англичаните. Потоа следат клубовите од Германија и Шпанија кои потрошија околу 40% од вкупната сума која беше потрошена на островот, додека во Лига 1 таа бројка изнесува 25%.

3 февруари 2015 - 17:29