Последниот пресврт на Манчестер Јунајтед сличен на вчерашниот

Знаете ли кога Манчестер Јунајтед последен пат успеал да добие натпревар во ЛШ со пресврт, односно со два комада во финишот. Статистиката не носи на еден епски натпревар на кој не ни дава душа да не се потсетиме колку и да е верглан.

Педантните статистичари од Опта ни ги вратија спомените 18 години наназад или поточно на најдраматичната завршница на едно финале во Лигата на шампионите.

Постарите знаат за што зборуваме, а помладите нека учат. На 26 мај 1999-та на Камп Ноу, 90.000 гледачи беа сведоци на најлудиот пресврт некогаш виден во финале на ЛШ.

Манчестер Јунајтед vs Баерн Минхен, Кан vs Шмајхел, Фергусон vs Хицфилд, фудбалска класика. Судија: Пјерлуиџи Колина.

Што се случува? Во 6 минута Марио Баслер го надмудри Шмајхел од слободен удар, водство кое на семафорот стоеше 85 минути.

Сер Алекс Фергусон во второ полувреме направи две измени, а во игра влегоа Теди Шерингам и Оле Гунар Солскер, момците кои го решија финале и добија епитетот џокерите на Фергусон. 91-ва минута 1:1, 93-та минута 2:1.

Епски пресврт и прв трофеј за Фергусон во ЛШ, втор за Манчестер Јунајтед, како и шок и неверување за Германците кои не беа свесни што им се случува.

8 ноември 2018 - 15:33