Полска ги однесе бодовите од Скопје

Во 3. коло од групата Г во квалификациите за Евро 2020, Македонија изгуби 0:1 (0:0) од Полска и остана на третото место со 4 освоени бода. Пјонтек само што влезе даде гол.

Како што најави, селекторот Ангеловски не отстапи од својата формација 3-5-2, која донесе резултат во циклусот од Лига на нации. Во последниот ред почнаа Муслиу, Велкоски и Бејтулаи, средниот ред стандарден со Алиоски, Елмас, Николов, Барди и Ристовски. Најистурени во шпицот беа капитенот Пандев и Несторовски.

Уште од самиот почеток Македонија започна препознатливо, отворено и без респект кон противничките фудбалери. Првата сериозна шанса на мечот, по скратен корнер ја имаше Несторовски со глава но топката отиде над голот.

До 30' минута се играше без сериозни прилики на двете страни, а Македонија беше селекцијата која имаше повеќе посед на топка, но тоа не донесе промена на резултатот. На пауза се замина со 0-0.

Само што почна вториот дел, во игра наместо невидливиот Франковски влезе шпицот на Милан Кшиштоф Пјонтек кој буквално со првиот контакт со топката, по корнерот на Гросицки откако Алиоски неспретно се обиде да ја исфрли топка и буквално му асистираше, го отвори резултатот - 0:1

Во продолжение од мечот Полјаците како и во првиот дел, „ја убиваа“ играта со чести стартови и прекини. Се обидуваа нашите репрезентативци со кратки додавања да стигнат до голот на Фабијански, но бедемот на полската одбрана беше непробојна. Селекторот Ангеловски реагираше во 61' минута кога го внесе Александар Трајковски наместо Бобан Николов, но фудбалерот на Палермо не донесе драстична промена во играта.

Во 86' минута Висар Муслиу доби втор жолт картон, автоматски црвен, поради груб старт од позади и предвреме го заврши мечот.

Последните 30 минути од мечот поминаа во иницијатива на македонските фудбалери кои не успеаа да ја крунисаат отворената игра против реномираниот противник. Полска славеше со 0:1 и ги однесе трите бода од Скопје.

Во понеделник, Македонија во 4. коло од групата Г во квалификациите ја пречекува Австрија.