Пехарот за Лига на шампиони - играчка за ќерката на претседателот

Народниот пратеник од партијата БПП (Блок Петро Порошенко) и претседател на фудбалскиот сојуз на Украина, Андреј Павелко се најде во центарот на скандал откако ѝ дал на ќеркичката да игра со пехарот од ЛШ.

Фотографијата на која се гледа малечката Лиза Чаус, ќерка на шефот на украинскиот фудбал Андреј Павелко како си игра со главниот пехар за шампионот во Лигата на шампионите, ги збунила луѓето од УЕФА и јавноста во Украина.

Фотографијата ја објавиле на Фејсбук а наводно е преземена од Инстаграм профилот на постарата сестра Екатерина Чаус.

„Кога буџетот на фудбалската федерација го сметаш за свој приватен џеп, тогаш што е проблем со оригиналниот пехар за Лига на шампиони да си игра саканата ќеркичка“, напишал авторот на публикацијата.

Фотографијата наводно е направена во луксузен „Рејнџ Ровер“ на госпоѓа Чаус, пишува украинскиот сајт Цензор.нет.

Ова не бил прв случај кога вредниот трофеј има „епизода“ во Украина. Претходно Павелко го возел со својот автомобил пехарот во градот Днепар каде се фотографирал со него во тамошниот храм. Заедно со него на сликата биле и свештеник и Александар Петровски - татко на неговата сопруга.

Откако фотографијата се проширила по социјалните мрежи, Инстаграм профилот на една од ќерките бил деактивиран. Инаку пехарот за победникот во ЛШ според строгите правила на УЕФА мора да биде чуван и пренесуван само од официјални лица.

Украинските твитерџии брзо почнале со шеги на сметка на овој инцидент, па еден пишал: „Прашање на време е кога ќе прават манџа во пехарот, зошто да не?“