Партизан исфрлен од Европа?

Европската фудбалска унија УЕФА веројатно драстично ќе го казни белградски Партизан поради неплатени долгови и ќе му забрани да игра во Лигата на шампионите и Лига Европа.

Во соопштението кое го објави УЕФА стои дека белградските „Црно-бели“ во септември минатата година имале нараснат долг од речиси два ипол милиони евра, воглавном за даноци и придонеси.

УЕФА истакнува и дека тригодишната суспензија е невообичаено драстична казна, но дека на таков потег ќе се решат затоа што Партизан ги прекршил правилата за долгови три пати во последните три години.

Европската фудбалска унија додава и дека српскиот тим во 2013. година поради слични околности добил условна едногодишна казна да не настапува во европкуповите, поради што е донесена одлука дека сега мора да се изрече построга казна.

Како што пренесува Асошиејтед прес (АП), Партизан од УЕФА ќе добие казна да не игра во првата од трите сезони во кои ќе се квалификува за некое од европските натпреварувања.

Иако првично медиумите во регионот објавија дека суспензијата е во времетраење од три години, Б92 објави дека во разговор со луѓето од УЕФА дознале дека се работи за условна забрана од една сезона во следните три ако Партизан обезбеди учество во еврокуповите.

Ако внимателно се прочита дописот на УЕФА на нивниот сајт, таму јасно стои: „На темел на истрагата на 11. ноември 2016 година, предложено е дисциплински мерки да бидат применети кон Партизан каква што е исклучување на клубот од европските натпреварувања, ако до 31 јануари не ги подмири долговите кои се утврдени за време на истрагата“, стои на сајтот на УЕФА.

Од клубот велат дека не се работи за суспензија туку дека клубот до крајот на јануари мора да уплати 360.000 евра долг. Во документите кои ги објави УЕФА се наведува дека вкупниот долг до 30. септември изнесувал 2.468.000 евра од кои долгот кон други клубови изнесува 454.000 евра, долговите кон вработените се 88.000 евра а останатите пари се за придонеси и даноци.

„Не, не е три години, туку само е соопштено дека до крајот на месец јануари мора да платиме 360.000 евра“, изјавил претседателот на Партизан, Милорад Вучелиќ за Б92.

УЕФА соопшти дека клубот има право на жалба во рок 10 дена, но не на нивна адреса, туку ако решат да се жалат тоа да го сторат пред Судот за спортска арбитража во Лозана.

11 јануари 2017 - 14:06