Од кој меч потекнува сликата на Платини и Марадона која го сврте цел Интернет?

На социјалните медиуми посветени за олд скул фотографии, се појави слика на која Пеле, Марадона и Платини стојат заедно пред почеток на натпревар.

Марадона и Платини носат дресови со натпис No Drug. Сите кои ја познаваат долгата историја на Диего со наркотиците, не можат да ја гледаат фотографијата без реакција.

Не се знае точно кога Аргентинецот првпат се сретнал со дрогата, дали додека беше во Барселона или откако премина во Наполи во 1984 година, но првпат сериозно го обвинија во 1991 година.

Иронично многумина пишуваа дека на дресот на Платини пишува „Не за корупцијата“, но на дресот на некогаш најдобриот фудбалер на светот, на француски пишува Drogues No.

ПРОШТАЛНИОТ МЕЧ НА ПЛАТИНИ СЕ ИГРАЛ НА НЕГОВИОТ ПРВ СТАДИОН

Мишел Платини го одиграл својот последен официјален натпревар во мај 1987 година. Точно една година подоцна, на неколку недели до почетокот на Европскиот шампионат 1988 година на кој Франција не се пласираше, најдобриот фудбалер на оваа земја ги собрал сите ѕвезди во градот Нанси.

Клубот Нанси тогаш испаднал во втора лига и не минувал низ баш најдобар период. На клубот му требала помош а на навивачите некаква емоција.

Стадионот „Марсел Пико“ имал капацитет од 40.000 гледачи (денес е два пати помал). За последниот натпревар на Мишел Платини стадионот бил преполн.

Во градот дошле најголемите светски ѕвезди и многу навивачи на Платини. Се појавил и емирот на Кувајт. На главниот плоштад во Нанси се собрале 10.000 луѓе да го гледаат последниот меч на Платини на видео бим. Таму свирел бендот Gipsy Kings.

ДОШЛЕ ПЕЛЕ, МАРАДОНА, ЗИКО, РУД ГУЛИТ, НО НЕ И ЈУВЕНТУС И ЈОХАН КРОЈФ

Мишел организирал не еден, туку три натпревари. Прво играле најдобрите француски фудбалери против пријателите на Платини. За пријателите играл Арсен Венгер кој една година претходно бил тренер на Нанси.

Потоа Јувентус требал да игра против најдобрите фудбалери од регионот Lorraine, но италијанскиот шампион не дошол па го викнале Бордо.

Главниот настан бил натпреварот меѓу репрезентацијата на Франција од 1984 година со Платини, против светот предводен од Марадона. Мишел ги поканил најдобрите фудбалери од таа епоха.

Освен Пеле и Марадона, за светот играле големи ѕвезди кои Нанси ни претходно ни подоцна не ги видел: Лотар Матеус, Рабах Маџер, Енцо Франческоли, Руд Гулит и многу други. За Франција играле Тигана, Жирес, Папен и други легенди. Платини го поканил и Кројф но Холанѓанецот не можел да дојде.

Во последните минути од натпреварот, Платини излегол од игра а него го заменил неговиот 9-годишен син Лоран во голем дрес од татко му. Малиот имал шанса за гол но голманот Дасаев не му попуштил и му го одбранил шутот.

Натпреварот завршил 2:2. Марадона постигнал гол во првото полвуреме, а во второто Платини имал две асистенции. На крајот резултатот го изедначил легендарниот Енцо Франческоли (Зидан го нарекол едниот син во негова чест.

Од хероите на овој натпевар во 1988 година, денес Пеле е сериозно болен, Платини имаше голем скандал со корупција, а Марадона уште е Марадона.

Нанси уште игра во втора лига и после 10 рунди е на 9 позиција. На стадионот „Марсел Пико“ во просек има по 10-12 илјади гледачи.