Новиот Герет Бејл игра во втората англиска лига Чемпионшип

После четири мачни години Фулам со сите сили се бори пак да се врати во англиската Премиер лига. Еден од главните творци на враќањето во елитата може да стане 17-годишниот Рајан Сесењон, дете на клубот и иднина на англиската репрезентација.

Како дошло до тоа едно голобрадо дете кое игра лев бек да стане најдобар играч во Чемпионшип за кого се распрашува и Реал Мадрид.

Малиот Рајан Сесењон дебитирал за Фулам во август 2016-та година на мечот против Лејтон Ориент во Лига Купот (денес познат како Карабао Куп). После пар недели Сесењон стана најмладиот фудбалер кој некогаш дал гол на натпревар во Чемпионшип (на дуелот против Кардиф Сити).

Минатото лето за младиот Англичанец сериозно се заинтересирале Ливерпул, Евертон и Манчестер Јунајтед но „Колибарите“ од Лондон не сакале да слушнат и со Сесењон го потпишале првиот професионален договор.

Величествената сезона која што талентираниот бек ја игра не останала забележана само меѓу клубовите, туку и меѓу авторитетните спортски изданија. Sports Illustrated го стави малиот Рајан меѓу 20 најдобри играчи на светот до 20 години, а според италијанската La Gazzetta dello Sport Сесењон е во Топ 30 играчи во Европа до 20 години.

Актуелнава сезона Рајан ја игра неверојатно. На 39 меча во сите натпреварувања (без тие за младинската репрезентација), 17-годишниот Сесењон има 14 гола и 4 асистенции. Сезонава ја почнал како дефанзивен лев бек но од натпревар во натпревар преминува се поблиску до нападот.

Така во одбраната одиграл 19 меча а во нападот 16. Поради тоа го завикале новиот Герет Бејл. Велшанецот исто така почна како одбранбен лев бек а по извесно време стана лево крило и на крајот напаѓач во Реал Мадрид.

Левоногиот Рајан веќе настапи за три категории на англиската репрезентација (U-16, U-17, U-19) и секаде бил најдобар. На Европското катедско првенство 2017 кое се одржувало во Грузија, Сесењон со репрезентацијата до 19 години го освоил првото место со сите 5 победи.

Притоа Рајан дал 3 гола и го делел првото место на листата најдобри стрелци со Бен Бреретон (Англија), Виктор Декереш (Шведска) и Јоел Пир (Холандија).

Универзалноста на младиот фудбалер му овозможува на тренерот Славиша Јокановиќ да игра во различни тактички формации што е голем плус за идниот клуб на Сесењон. Тимот од „Крејвен Котиџ“ во првата полусезона играа во 3 формации (4-3-3, 4-2-3-1 и 5-3-2).

Тоа не е единствениот плус на Лондонците што го имаат најдобриот играч во Чемпионшип во своите редови. Неговите противници не можат да го прочитаат неговиот брз и лесен дриблинг. Рајан еднакво добро игра со двете нозе а силно шутира и со лева и со десна.

Интересно многумина кога првпат го слушнале неговото презиме го помешале со Стефан Сесењон, фудбалерот на Монплеље кој стана познат како играч на ПСЖ и Сандерленд. Стефан му е само далечен роднина на Рајан кој има брат близнак кој исто игра во Фулам (за првиот тим кај Јокановиќ, Стивен Сесењеон играл само во ФА Купот).

Минатото лето Фулан го продолжи договорот со Сесењон до 2020 година а неговата цена според специјализираниот сајт transfermarkt е 25 милиони евра!

За него интерес пројавиле и Тотенхем и Манчестер Јунајтед. „Мамузите“ неодамна им понудиле 35 милиони евра зошто во младиот Рајан Сесењон гледаат замена за Дени Роуз којшто се спремни да го продадат за да стигнат за играчот на Фулам.

Има информации по кои Рајан веќе се договорил со Тотенхем, но според некои гласини бекот/крилото/напаѓачот го претпочита Ливерпул зошто мечтаел да заигра на „Енфилд Роуд“ кај Јирген Клоп. На крајот, Рајан би можел и да остане во саканиот Фулам ако овој влезе во Премиер лигата.

Според самиот Рајан, тој е целосно посветен на екипата со која сака да влезе во Премиер лига и да продолжи да се усовршува.

„Тој е иднина на англискиот фудбал. Сигурни сме 99% дека ќе стане еден од најдобрите леви бекови на светот“, велат неговите соиграчи Нескенс Кебано и Стефан Јохансон.

Идоли на Сесењон му се играчите на неговата позиција: „Секогаш сум се угледувал на двајца фудбалери: Лук Шоу и Герет Бејл. Сакав да играм како нив“.

Кој знае, можеби наскоро младиот Англичанец ќе ги замени своите идоли од детството во нивните клубови.