Ни Буфон не е цвеќе за мирисање

Иако во сите делови од светот важи за чудотворец на голот, во својата родна земја Џанлуиџи Буфон има гревови кои му ги паметат претежно ривалските навивачи но и педантните новинари.

Големиот Џиџоне најверојатно ќе се повлече од фудбалот по крајот на оваа сезона. Буфон и натаму брани одлично но има 40 години и како што и самиот вели: „време е да им се остави простор на помладите“.

Џиџи има сјајна кариера која за жал ќе привршува без рекордно шесто учество на Светско првенство и без освоен пехар во Лига на шампиони (3 изгубени финалиња - против Милан, Барселона и Реал Мадрид). Буфон во Италија важи за пример како на теренот така и надвор од него. Но има и такви кои не би се сложиле во целост со оваа констатација“.

Критичарите на Буфон паметат неколку негови епизоди во кои Џанлуиџи не бил баш цвеќе.

1. За време на неговиот престој во Парма на времето, Буфон одбра да го носи бројот 88 на дресот што предизвика голема контроверзија затоа што наводно овие броеви алудираат на HH од азбуката (во латинската азбука буквата H е осма по ред) или иницијалите на Heil Hitler.

Ова го поврзувале со Буфон затоа што претходно на дресот имал натпис кој сам го напишал со маркер: "Boia chi molla" („Нека умре кој се предава“) слоган користен од фашистите во ерата на Мусолини. 

2. Иконата на Јувентус, господинот Џанлуиџи Буфон ја лажирал својата диплома. Во времето кога бранеше за Парма се испоставило дека ја лажирал својата школска диплома за годината 1996/1997 (извор Газета дело Спорт).

3. Кога Антонио Конте беше обвинет за инволвираност во наместени натпревари во 2012-та, Буфон изјави: „На крајот од првенството нормално е две екипи да се договорат, на теренот за да не си наштетат едни на други. Зошто викаат „подобро двајца ранети отколку еден мртов“? Кој го разбира фудбалот и живее за него во главата може да знае што ќе се случи во некои ситуации. Дали е криминал ако на две екипи им одговара нерешено? Не е криминал. Тоа е нивна работа.“

4. Во 2012-та по скандалозно непризнатиот гол на Мунтари на дербито со Милан кога двете екипи се бореа за скудето, Буфон изјави: „Да бидам искрен се се случи толку брзо што не успеав да видам дали топката ја премина линијата. А секако и да видов, сигурно немаше да му кажам на судијата“.

5. Во 2014 откако Рома беше драстично оштетена во триумфот на Јуве од 3-2, Џанлуиџи изјави: „Победниците бараат начин, поразените бараат изговор. За мене ова е мото за секојдневниот живот па и за во спортот. Ве советувам да не барате изговори или алиби како што прават медиокритетите“.

6. Во 2017-та откако Јувентус го победи Интер по голема судиска контроверзија, Буфон изјави: „Замолчете, одете дома и повежбајте. Ако сакате да создавате непостоечки инциденти така што ќе мавтате со бели марамчиња, тоа значи дека имате проблем и не можам да ве ценам или почитувам“.

7. И конечно во 2018-та откако Јувентус испадна од Реал Мадрид после спорен пенал досуден во 93-та минута при 0-3 за Италијанците, Џиџи изјави: „Тој (судијата) е животно. Ти мора да имаш канта за ѓубре во градите наместо срце за да го досудиш тоа“.

16 април 2018 - 11:35