Нејмар не ги задржа солзите, ама ниту топката

Кога во 180 минути фудбал Барселона нема да успее да постигне ниту еден гол, тогаш навистина треба да не штимаат многу работи во тимот, а ова е еден од тие воопшто несвојствен за играчи кои ја кријат топката.

Нејмар го напушти синоќешниот четвртфинален натпревар во солзи откако неговиот тим не беше моќен да му се спротивстави на силниот Јувентус кој допатува на Камп Ноу со предност од 3:0.

Каталонците не личеа на себе и од немоќ 13 од вкупно 14 удари им завршија надвор од рамките на голот. Покрај овој ужасно лош статистички податок има уште еден кој не е типичен за било кој играч на Барселона.

Тоа е Нејмар кој загуби 46 топки во рок од 90 минути, рекорд на еден играч оваа сезона во Лигата на шампионите.

И што е уште полошо синоќешниот меч не е единствениот на кој му се појавува оваа аномалија во играта, туку сезонава во ЛШ на табелата на 5 најбројни загуби на топка тој е застапен три пати.

Нејмар со ова го сруши неславниот рекорд на Хулк кој за Зенит во 2014-та имаше загубено 41 топка.

20 април 2017 - 11:40