Навивачите на Барселона го свират, а не знаат дека е анксиозен

Португалецот во дресот на Барселона, Андре Гомеш често е мета на критики, навреди, свирежи зошто не покажува ниво вредно на Барселона - но никој не ја знаел неговата душевна состојба.

Андре Гомеш е репрезентативец на Португалија којшто на „Ноу Камп“ се пресели во 2016-та година за околу 35 милиони евра, но од првиот момент имаше тешкотии да се пронајде себеси.

До денес одиграл 25 средби за Каталонците а цели 90 минути истрчал само во четири прилики. Во интервју за шпанскиот весник Panenka Гомеш вели дека чувствува сериозен притисок:

„Не се осеќам добро на теренот, не уживам во фудбалот како што уживав. Првите шест месеци беа добри но потоа работите се сменија. Можеби не е коректен збор, ама работите се претворија во пекол бидејќи почнав да чувствувам голем притисок. Со притисокот се носам добро, но со притисокот кој сам си го создавам не можам. Чувството кое го имам за време на натпреварите е лошо“, вели Гомеш.

24-годишниот фудбалер од среден ред цела сезона е исвиркуван и навредуван од сопствените навивачи, а последен пат во победата од 1-0 против Атлетико Мадрид на 4. март кога голманот Андре Тер-Штеген не можеше да се начуди зошто му свират и гестикулираше со рацете кон публиката.

Уплашениот и депресивен Гомеш си ставал преголем товар на свој грб и премногу бил оптеретен од размислување што често не сакал да излезе од дома зошто се чувствувал посрамен.

„Повеќе пати не сакав да излезам од врата, бидејќи луѓето те гледаат, имав страв да се појавам на улица да не се посрамам. Другарите ми викаат дека сум затворен во себе и дека не ја исфрлам фрустрацијата од себе. А и не зборувам со никој, не вознемирувам никого. Се срамам. Премногу размислувам и тоа ме мачи. Мислам на лоши работи и на тоа што треба да правам. Иако моите соиграчи многу ми помагаат, работите не одат како што тие сакаат да одат.“

Откритието на Гомеш во некоја мера значи и дека тој најверојатно ќе смени средина претстојново лето а како сериозен кандидат за неговите услуги се јавува Милан.