Налет со репрезентацииве кога ни ги враќате повредени играчите

Е така е тоа кога на некој му се паднало да брани и клупски и репрезентативни бои. Првите за плата, вторите за чест. Поголем број на натпревари, позгуснат распоред и поголем ризик за повреди. Секогаш страда по некој. Поплаките се од Серија А.

НАПОЛИ
Еден од најголемите малери за време на овој репрезентативен блок на натпревари, што во Лига на нации, што пријателски е Карло Анчелоти. Наполи и онака не се засили нешто посебно, па сега гу губи и оние играчи кои ги има. На мечот Романија - Црна Гора настрада коленото на Влад Кирикеш.
 
Се работи за една од оние најнепосакувани повреди, вкрстени лигаменти. Романскиот дефанзивец е веќе опериран, а за вакви повреди прогнозите за враќање на терен се во старт 6 месеци. Ништо чудно и да не се врати цела сезона.
 
Моменти на грижа кај Анчелоти имаше и на мечот Белгија - Шкотска, каде на трева легна Дрис Мертенс, но кај белгијскиот репрезентативец нема ништо сериозно.
 
РОМА
Вториот стратег кој деновиве не бил раат за време на клупските паузи е Еузебио Ди Франческо. Откако закрепна Диего Пероти, во Рим се загрижија за Шик, Пасторе и Манолас. Чешкиот напаѓач се пожалил на проблеми со препоните, но за среќа се вратил на терен и можел да игра.
 
Хавиер Пасторе кој беше во составот на Аргентина, не заиграл поради повреда на тренинг. Се пожалил на болки на палецот. Времето за неговиот кам бек е непознат, исто како и на Манолас кој беше стрелец за Грција на мечот против Унгарија. Тој морал да излезе во 52-ва минута, поради истиот проблем на Пасторе. Лекарскиот тим на Рома треба да се изјасни за двајцата.
 
 
ИНТЕР
Лаутаро Мартинез кој имаше кондициони проблеми не се опорави ниту во репрезентација. Тој ја напуштил селекцијата на Аргентина и не бил ниту на клупа, а со сигурност ќе ги пропушти дуелите со Парма и Тотенхем.
 
Лоши вести за Спалети пристигнаа од средбата Шпанија - Хрватска на која Шиме Врсаљко бил заменет по само 20 минути игра. Се работи за повреда на коленото за која допрва ќе следуваат нови вести. Со Икарди кој го пропушти дуелот против Болоња се е во ред. Играл 90 минути против Колумбија и би требало да биде во состав за следниот меч.
 
МИЛАН
Џенаро Гатузо нема големи причини за паника, освен да чека резултати од повредата на Патрик Кутроне со младинската селекција на Италија. Можно е да го пропушти само гостувањето против Каљари.
12 септември 2018 - 14:51