Најјаката брада во фудбалска Европа на 39 години ќе игра во Серија Б

Давиде Москардели е култна личност во Италија. Нема место на Апенините каде не го сметаат за еден од најдобрите италијански дриблери. Сезонава пак ќе го гледаме во дресот на Пиза со која се пласираше во Серија Б.

Откако после цели 18 години Даниеле Де Роси беше принуден да замине од Рома и го изненади светот кога потпиша со Бока Јуниорс, многу луѓе го поздравија капитенот на Рома и му посакаа многу среќа во Буенос Аирес.

Меѓу големиот број активни и поранешни играчи на Инстаграм се појави и еден интересен пост од уште поинтересен лик.

Напаѓачот на Пиза Давиде Москардели напиша „Фала Дани, ДДР гордост наша“.

Ако не сте пасиониран љубител на италијанското фудбалско подземје, тогаш оправдано ви е што не го знаете Москардели. А не го знае ни повеќе од пола население на планетата земја. Во конкуренција на најдолгите и најуредни бради во светот на фудбалот, Москардели води пред Раул Меирелеш, Мајкл Јединак, Даниеле Де Роси и Марко Зајлер.

Москардели со објавата на Инстаграм за Де Роси преку ноќ собра повеќе од 30.000 лајкови. Неговиот профил на Transfermarkt.de во еден ден станал попрегледуван од оној на Гризман, Погба и Роналдо.

На овој реномиран сајт вредноста на легендарниот Моска изнесува 150.000 евра. Зошто тогаш толку луѓе би се заинтересирале за 39-годишен фудбалер од (тогаш) Серија Ц кој во Серија А играл кратко и тоа пред илјада години.

Како и обично, одговор ќе даде YouTube. Изолирајте се од сè и погледнете го цело видео:

Москагол, како што самиот се нарекува на социјалните мрежи, во својата кариера играше за Римини, Пјаченца, Лече, Болоња и уште еден куп други клубови меѓу втора и трета лига во Италија.  

Давиде Москардели важи за човек-меме во Италија веќе одамна. Пред неколку години се пишувала петиција за тој да се најде на омотот од видео играта ФИФА. Тој се прославил и со дебитантски гол во Серија А, а во Италија едно време се собирале и потписи за тој да биде повикан во репрезентацијата под мотото Gioca bene, gioca male, Moscardelli in Nazionale! (Играл добро или лошо, Москардели во репрезентација!).