Најголемиот голман измамник кој во прволигашки фудбал го смалуваше голот

Рожерио Сени е еден и единствен затоа што има дадено преку 100 гола, Рене Игита затоа што ја измисли шкорпион одбраната, а Ким Кристенсен е веројатно единствениот во историјата кој со цел памет ги поместуваше стативите. Пази не во маало со другарите, туку во професионален фудбал.

Ако треба да направиме листа на фудбалери кои мамеле во кариерата, пиадесталот ќе му го резервираме на Данецот Ким Кристенсен, ама без размислување.

Се работи за голман со дводецениска кариера која му мина во родната Данска, освен периодот 2008-2010 кога бранел во Шведска за Гетеборг.

А од тоа време постои една епска снимка на која Ким е фатен жив пред камера како ја поместува стативата за да го смали голот.

Се работи за натпревар меѓу Гетеборг и Оребро, одигран на 23 септември 2009-та на кој било откриено дека Кристенсен пред стартот ги поместил и двете стативи со што го намалил својот гол. Но 20 минути подоцна судијата бил известен и ги вратил стативите на старо место.

Најјакото е што на интервју после мечот, признал дека таа будалаштина ја практикувал и друг пат.

„Видов еден пријател исто голман кој го правеше тоа и од тогаш од време на време го правев и јас“..

Несфатлива е тогашната одлука и на Шведската фудбалска федерација која одлучила да не го казни за анти фер плеј потегот.

Кристенсен е четири кратен освојувач на првенството и купот на Данска со Копенхаген, каде ја заврши кариерата пред две години, а кога во 2008-ма го освои Купот на Шведска, беше прогласен за херој на финалето со импресивни одбрани и во игра и за време на пенал серијата во која бил и стрелец.

Само фали уште да каже колкаво било растојанието меѓу двете стативи на тој натпревар.

24 септември 2020 - 13:08