Најголемата грешка на Барселона се вика Мауро

Мауро Икарди е роден во Росарио, град во Аргентина со милион жители кој важи за најфудбалскиот град и кој на фудбалот му ги даде Лионел Меси и Анхел Ди Марија. Патот за кратко го одведе Маурито во Барса, но таму не го проценија добро.

Кога дувал 15 свеќички на тортата, Мауро Икарди пред осум години добил покани од академиите на Барселона, Арсенал, Ливерпул, Реал Мадрид, Валенсија и Севиља. Во големата трка за него победија Каталонците.

По шест години во родниот град, Икарди со родителите се преселил на Канарски Острови и набрзо станал еден од најдобрите млади фудбалери во локалниот клуб Вечиндарио каде постигнал повеќе од 500 голови.

Западнал во око на скаутите на Барселона кои интервенирале брзо и го довеле во Ла Масија. Таму младиот Аргентинец го чекале многу ветувања и сонувал дека еден ден ќе истрча пред полниот Камп Ноу. Меѓутоа, времето минувало а Маурито не успеал ниту да ѕирне во првиот тим за разлика од многу ученици на Ла Масија кој успешно заиграа за првиот состав.

Од таа причина напаѓачот како 17-годишен, во јануари 2011. година замина на позајмица во Сампдорија. Тоа ќе се испостави како животен пресврт.

„Тоа и не беше така лоша одлука, можам да кажам дека беше многу добра за мојата кариера. Во Барселона и Ла Масија научив да играм фудбал, но не ме гледаа во првата екипа и морав да барам друг клуб“, се сеќава Икарди кој во Италија почнал да прави дар-мар во младинските категории каде постигнал 13 гола на 19 меча.

Сампдорија била воодушевена од неговиот талент и голгетерски способности и веднаш во јули го откупила неговиот договор од Барселона за 400.000 евра. Времето покажа дека тоа било премалку за Маурито.

Во само една сезона 2012/2013, Икарди даде 11 голови на 33 меча за Блучеркијати и тоа беше доволно Интер да издвои за него 6,5 милиони евра за 50% од неговиот договор. Пет години после овој трансфер, Интер на маса имаше 60 милиони евра од Наполи за новиот капитен на клубот, но ги одби и реши да го продаде во случај некој да даде 100 милиони евра.

Досега за Нераѕурите, човекот кој се скара со најдобриот другар Макси Лопез и се ожени за неговата поранешна сопруга која му е менаџер, постигна 51 гол, два повеќе од Бразилецот Роналдо.

„Јувентус е моја омилена жртва. Нив многу сакам да им давам голови“, изјави синоќа Икарди кој со гол и асистенција го сруши актуелниот првак Јувентус.

19 септември 2016 - 16:18