Најгерманскиот тим во Англија кој гази на патот кон Премиер лига

Англискиот чемпионшип е најбогатиот, најнеизвесниот и најинтересниот тунир меѓу сите втори, а богами и меѓу многу први лиги во Европа. Сезонава таму будно се следат потезите на Бјелса, Лампард и другите познати лица.

Но еден човек кој не се експонира многу, а од Норич направи најгерманска екипа во Англија, е главен и најсериозен кандидат за влез во Премиер лигата. Клубот со дури 7 Германци во ростерот и германски стручен штаб во моментов е прв во чемпионшип.

СТАНАЛ ТРЕНЕР СОСЕМА СЛУЧАЈНО, ПА ГИ ЗАЧУДИЛ СО ЗНАЕЊЕТО

Даниел Фарке имал сериозна играчка кариера во пониските лиги во Германија (најмногу во трета и четврта лига). На 31 година прекинал со активно играње затоа што мечтаел за кариера спортски директор.

„Никогаш не сакав да станам тренер. Таа работа секогаш изгледа краткорочна. Губите пет натпревари и останувате без работа. Секогаш сакав да имам план на повеќе години и да помагам околу структурални работи“, вели Даниел.

Во 2009 година Даниел завршил спортски менаџмент на Универзитетот во Падерборн и почнал со работа во клубот Липштад од западната регионална лига (четврта дивизија). Работел како спортски директор но кога клубот го отпуштил тренерот, од Даниел побарале да го наследи до крајот на сезоната.

Фарке бил уверен дека тоа не е добар потег, но се случило нешто неочекувано: под негово водство Липштад победил на 9 натпревари и еднаш играл нерешено. Шефовите воодушевени, побарале од него да продолжи договор, но тој првично бил против: „Сфатив дека тренерската професија не била така досадна како што ја замислував. Освен тоа играчите кажаа дека им се допаѓа работата со мене. На крајот решив да останам.“

Даниел тогаш останал во Липштад шест години во кои ги вршел двете должности во четвртолигашот: „Во мал клуб се е на вас: јас преговарав со автобуски компании, разговарав со новинари, уште држев и тренинзи. Во еден момент сакав да си одам, но сите спонзори рекоа дека ќе го поддржат клубот само ако Фарке остане“, вели Даниел.

Под водство на Фарке, Липштад стигнал до третата лига, а официјалниот сајт на германската фудбалска федерација го нарекол пласманот на Липштад „феникс кој се крена од пепелот“.

Фарке го исполнил ветувањето дадено пред навивачите дека ќе го направи клубот стабилен. Во 2015 кога клубот го изградил новиот стадион, мисијата на Даниел завршила.

Успесите на Фарке се прочуле низ цела Германија: Штутгарт и Ајнтрахт му нуделе да стане главен тренер, но Даниел неочекувано прифатил да работи со младинците на Борусија Дортмунд.

Причината за ова е необична - пред 50 години кога Дортмунд играл во регионалните лиги, за клубот играл неговиот дедо Франц.

За да го убеди Фарке, директорот на Борусија Дортмунд Михаел Цорк му договорил средба со тренерот на првиот тим Томас Тухел. Се сретнале и цела вечер зборувале за тактика. Набрзо нивните муабети за формации им станале секојдневни:

„Кабинетите ни беа во соседни зданија и ние неколку пати неделно се среќававме за да збориме за нови методики. Тоа беа најплодни разговори во кои уживав“, раскажал еднаш младиот германски стратег.

Во Борусија, Фарке поминал две години и имал сјајна статистика: во целата сезона 2015/2016 неговиот тим победувал и дома и гости и претрпел само три порази. Вториот тим на Дортмунд за малку не влегол во втората Бундеслига.

ФАРКЕ ВО НОРИЧ КАКО ДЕЛ ОД ТРЕНДОТ ГЕРМАНСКИ ТРЕНЕРИ ВО АНГЛИЈА

Во пролетта 2017 Норич бараше нов тренер. Една година претходно испаднаа од Премиер лига во Чемпионшип, а сега завршиле 8-ми.

Новиот тренер на кого му ја довериле задачата да го врати клубот во елитата бил Даниел Фарке.

Во Англија, овој 40-годишен стручњак дошол на наговор на спортскиот директор на Норич, Стјуарт Вебер. Тој е фанатик по германски тренери - во 2015 во Хадерсфилд го донесе Давид Вагнер, претходник на Фарке во Борусија U-23.

Вагнер направи чудо со пласманот на Хадерсфилд во Премиер лигата и уште поголемо чудо што го задржа клубот таму повеќе од една сезона.

Од оваа зима, заедно со Јирген Клоп и Фарке, во Англија работи уште и Јан Зиверт кого Хадерсфилд го назначи за наследник на Вагнер (во јануари клубот и германскиот тренер кој ги внесе во Премиер се разделија поради тоа што се убедливо последни на табелата).

Необично, сите четворица работеле во системот на Борусија. „Таму посветуваат големо внимание на врвни специјалисти. Зошто се толку успешни? Во Борусија не ги ограничуваат тренерите и им дозволуваат да ги реализираат своите идеи“, објаснува Даниел Фарке.

Тој во Норич дошол на непознато: Клубот ризикувал со странски тренер без искуство на највисоко ниво, а Даниел почнувал во друга земја без познавање на јазик и со многу понуди од Бундеслига.

Работите не тргнале како треба - во првата сезона со Фарке на клупа, Норич завршил 14-ти во чемпионшип. Многу далеку од враќање во Премиер лига. Медиумите го напаѓале и него и спортскиот директор, пишувале дека играчите не ги сакаат тренинзите со Фарке.

„Ако во тој момент клубот не избркаше мене и Фарке, никој немаше никому да замери“, признал Стјуарт Вебер, спортски директор на Норвич.

За среќа по клубот и навивачите тоа не се случило. Управата добро знаела дека Фарке треба да почне сезона со совршено подновена екипа (во меѓусезоната 2017 Норич го напуштиле дури девет играчи) и му дале време на Германецот.

Во летото 2018 клубот остана без најголемите ѕвезди - Џејм Медисон и Џош Марфи. Сезонава 2018/2019 Норич стана најдобриот и првопласиран тим во моментов во чемпионшип.

КАКО СТАНАА ПРВИ ВО НАЈТЕШКАТА ЛИГА НА СВЕТОТ?

Натпреварите на Норич се вистинско шоу. Фарке претпочита игра со посед на топка и многу кратки пасови.

Во првата сезона Германецот го зголемил бројот на точни додавања во Норич за 15% а долгите топки ги намалил од 18% на 13%. Но ова има и свои маани, кога екипата ќе изгуби посед, често се случува лесно да прими гол. Норвич е лидер по број на дадени голови (65), но е 11-ти по бројот на примени голови (42).

Нивните резултати затоа изгледаат како хокеарски: 3:4 со ВБА, 4:3 со Викомб во Лига Купот, 4:0 со Шефилд, 4:3 со Милвол, 4:1 со Свонси, 3:2 и 4:0 со Болтон, 3:3 со Нотингем. Ако некогаш во сабота ви се гледа чемпионшип, гледајте го Норвич.

Уште една причина да се гледа Норич се и интересните играчи.

Во летото 2018 го продадоа најдобриот фудбалер Џејмс Медисон во Лестер за огромни 22 милиони фунти. Заработените пари ги вложија во реконструкција на тимот.

Една од главните ѕвезди на екипата е напаѓачот Теему Пуки. Финецот со чудесно презиме од 17 години патува по Европа - играше и за Севиља (1 меч) и за Шалке (8 меча за 2 сезони).

На крајот рајот го најде во Норич: сезонава е прв стрелец во лигата со дури 23 гола од кои некои беа мегаважни (оној против Милвол во 97-ма минута благодарение на кој Норвич губеше 1-2 за на крај да слави 4-3).

Уште еден од лидерите во тимот е голманот Тим Крул. Во летото 2018 искусниот голман кој со Холандија освои бронза на Светското првенство 2014 потпиша 2-годишен договор со клубот.

Скромниот трансфер буџет ги натерал „канаринците“ да прекомандуваат деца од својата академија: бековите Џамал Луис и Макс Аронс, како и везниот фудбалер Тод Кентауел. Запаметете ги добро овие имиња, скоро за нив ќе почне борба меѓу премиерлигашите (за Аронс веќе се борат Тотенхем и Арсенал).

ГЕРМАНСКИ ШМЕК

Норич во моментов е најгерманска екипа во цела Англија. Во составот има седум германци плус Марио Вранчиќ, кој играше за младинската репрезентација на Германија, а подоцна настапи за Босна.

Меѓу овие Германци нема ултра познати имиња, но има интересни играчи: например Феликс Паслак и Марко Штиперман кои играа во Борусија U-23. За нив зборувал и Јирген Клоп: „Марио Вранчиќ беше мојот Марио Геце во Мајнц. Имаше 17 години но беше првотимец.“

Марко Штиперман бил во составот на Дортмунд кој во 2011/2012 ја освои последната титула. Феликс Паслак го споредуваат со Кристијан Пулишиќ.

Ѕвезда на германската колонија во Норич е 26-годишниот фудбалер од среден ред Мориц Лајтнер. Во Германија го сметале за еден од најголемите таленти, но тој не се пробил до првиот состав на Борусија кај Клоп а потоа седеше на клупата за резерви во Штутгарт и Лацио.

Лајтнер игра класичен играч од среден ред и маестрално ја организира играта: сезонава има 1.385 точни додавања (втор во цела лига) и 467 успешни дриблинзи (прв во лига).

Фарке го открил Лајтнер уште во Борусија U-23 така што логично е нивната соработка да биде успешна. Неодамна Клоп кој работел со многу играчи и тренери од сегашниот Норвич признал дека ги следи успесите на овој клуб.

„Секогаш е пријатно да се слушне пофалба од Клоп. Но сега имаме неспокој Ливерпул да не ги собере нашите играчи“, реагирал Фарке. 

Норич има сјајна шанса да влезе директно во Премиер лигата. Тимот е прв во чемпионшип и скоро со 3:1 го прегази Лидс на Марсело Бјелса. Ако им се оствари сонот да се пласираат во најдобрата лига на светот, следната сезона ќе гледаме дортмундско дерби.