Најдобриот состав кој беше гратис ова лето

Доколку некој тим во изминатиов трансфер период немаше ниту едно евро за засилувања, а сакаше квалитетно да се офајди со играчи, бесплатните понуди беа доста примамливи. Еве ги најдобрите 11 фудбалери кои си заминаа како слободни играчи.

Мунуа во Фиорентина

Уругвајскиот голман потпиша за екипата на Фиорентина која направи одличен тим за новата сезона. Мунуа си замина од Леванте по тригодишна авантура каде беше прв голман, а шансата на „Артемио Франки" ќе ја чека како замена за Бразилецот Нето.

Мајкон во Рома

Беше дел од историската година на Интер во 2010 година, но немаше баш впечатливи игри во Премиер лигата. Одличниот бек Мајкон повторно се врати во Серија А и е дел од првиот состав на Рома за без пари

Туре во Ливерпул

По четири сезони минати во Манчестер Сити 32 годишниот Коло Туре повторно сака да биде првотимец, статус кој го немаше постојано кај „Граѓаните". Стартот на „Енфилд Роуд" му беше малерозен затоа што се повреди,.

Абидал и Карваљо во Монако

Клаудио Раниери донесе во тимот двајца поранешни освојувачи на Лигата на шампионите. Абидал дојде од Барселона, а Карваљо од Реал. И покрај тоа што се ветерани се очекува да придонесат многу со нивното искуство.

Фламини во Арсенал

Ништо од продолжувањето на договорот на Фламини на „Сан Сиро". Откако во 2008 година го напушти Арсенал, тој повторно се враќа кај своите, а дебитираше на лондонското дерби против Тотенхем на кое „Топџиите" триумфираа.

Малуда во Трабзонспорт

По шест минати сезони на „Стемфорд Бриџ" францускиот играч од средниот ред го крена пехарот и во Лигата на Европа и во Лигата на шампионите. Потребна му беше нова средина и ја избра Турција.

Аршавин во Зенит

Рускиот репрезентативец пукна од депресија во Премиер лигата и Арсенал го пушти да си оди гратис. Се врати во својата родна земја од каде тешко дека повторно ќе си замине, а неговиот избор беше Зенит каде впрочем и ја почна кариерата.

Кака во Милан

Еден од најдобрите бразилски фудбалери блесна во Европа најмногу поради игрите и успесите во Милан. Преминот во Кралскиот тим очигледно дека му беше погрешен чекор затоа што секогаш беше втора опција. За игрите на „Сан Сиро" ќе треба да почекаме затоа што ќе отсуствува еден месец поради повреда.

Љоренте во Јувентус

Минатото лето Атлетик Билбао за него бараше 25 милиони евра. Челните луѓе почекаа да му заврши договорот и си го ќарија гратис. Изминатиот викенд го постигна деби голот за Јуве.

Ето во Челси

Камерунскиот напаѓач беше најплатен играч во светот додека настапуваше во Анжи со годишна плата од 20 милиони евра. Но откако Русите почнаа да штедат Мурињо го повика во Лондон, а тој замина веднаш без размислување.

24 септември 2013 - 21:39