На таа пара сигурно нема за Интертото да се бори

Со освојувањето на Супер купот на Англија пред 10 дена, Пеп Гвардиола стигна до 28 трофеи за само 10 години тренерска кариера. Импресивно достигнување, но до некаде и логично кога ќе се пресмета колку многу пари вложиле за играчи, клубовите кои ги тренирал.

Во изминатава декада како тренер на Барселона, Баерн Минхен и Манчестер Сити, Гвардиола или поточно неговите газди за засилувања потрошиле, внимавајте добро: 1,3 милијарди евра.

Тоа се пари дадени за 59 трансфер операции во 11-те неговите сезони. Тука не влегуваат играчи како Роберт Левандовски, Арон Муи, Себастијан Роде, Јан Кирхоф, Хозе Мануел Пинто кои пристигнаа гратис.

Она што е евидентно е дека Гвардиола најмногу трошел на одбрана за каде се потрошени 513 милиони евра. Сега дадоа 65 милиони евра за Жоао Кансело од Јуве, сума која ја дадоа и за Лапорт. Потоа 57,5 за Бенџамин Менди, 55,6 за Стоунс, 51 за Кајл Вокер, 35,5 за Дани Алвеш, 28 за Бенатија, 25 за Чигрински.

За напаѓачи вложил 385 милиони евра, за среден ред 326, а за голмани 77 милиони. Најскапи на овие три позиции му се Ибрахимовиќ (69,5), Родри Хернандес (70) и Едерсон (40).

Споредбата меѓу трите негови клубови е огромна па така Манчестер Сити за потребите на Гвардиола трошел двојно, па и тројно повеќе пари од Барса и Баерн.

Англискиот клуб со кој газдуваат луѓе кои и самите не знаат колкаво богатство имаат, за засилувања на Етихад од 2016-та вложиле 762 милиони евра, Барселона 341, а Баерн Минхен 204.

Тука треба да се додаде уште еден податок. Во неговата втора сезона како тренер на Сити во сезоната 2016/2017, Пеп со изградениот тим од 305 милиони евра освои 7 од последните 8 трофеи во Англија.

13 август 2019 - 17:00