На препорака од психолог - англиските репрезентативци јаваат еднорози во базен

Репрезентацијата на Англија и после Светското продолжува да „го враќа фудбалот дома“. Пред неколку дена ја згромија Чешка со 5:0, а синоќа во Подгорица ја згазија Црна Гора со 1:5.

Рос Баркли даде два, а Кин, Стерлинг и Кејн по еден за убедлива победа и гол разлика 10:1 после два меча на Англија.

Во неверојатна репрезентативна форма игра Хари Кејн кој на 20 меча откако селектор е Саутгејт, постигнал 20 гола. Од 2017-та година наваму за репрезентација толку гола дал единствено Кристијано Роналдо.

Англичаните играат одличен фудбал и успешно ги започнаа квалификациите за Европско 2020. Атмосферата во селекцијата е фантастична, а за тоа голем удел има и една жена, психолог која работи во репрезентацијата.

Фудбалерите меѓу натпреварите со Чешка и Црна Гора одново се забавувале со една детска игра: јавање кукли-еднорози во базен. Највеќе се радувале младите Деклан Рајс и Бен Чилвел кои пливале со еднорози во базата на репрезентацијата во Бартон апон Трент.

Репрезентативците објавуваат фотографии од базените и на социјалните мрежи, па така Хари Мегваер пишал: „Ден за опоравок. Мојот најдобар другар се врати“.

Под објавата на младиот Бен кој го тагирал Мегваер и пишал: „Сега е мој (еднорогот)“, стоперот му одговорил: „Само на еден ден“.

Целата забава со еднорозите започнала кога во октомври 2018-та на сајтот change.org се појавила петиција - англиските навивачи предлагале на новата банкнота од 50 фунти да стои сликата со Хари Мегваер како јава еднорог.

А целата приказна практично датира од минатото лето кога англиските репрезентативци после мечот со Тунис се тркале со еднорози во базен, и тоа под присмотра на селекторот Герет Саутгејт.

Ова им станало пракса, затоа што стручниот штаб забележал дека смешните трки со еднорози многу им помагаат на играчите да го испразнуваат стресот.

Оваа теорија ја застапува Пипа Гранж, психолог во англиската фудбалска репрезентација и помошник на Саутгејт. Таа смета дека ваквата разонода им помага не само физички да се ослободат од товарот, туку и психолошки.

„Исфрлање стрес низ смеа, забава и разбивање на рутината тренинзи-натпревари го одржува колективот“, смета Гранж.

Вакви трки со напумпани еднорози едно време се одржувале и кога селектор бил Рој Хоџсон пред неколку години.

Гранж била поставена на фунцкијата психолог во ноември 2017, со цел ментално да им помага на играчите да го намалат стресот. Пред неа со репрезентацијата работел Стив Питерс кој ја спремал Англија за Светското 2014. Фудбалската социјација сакала да вработи и психијатар-специјалист пред Мундијалот во Русија, но тогаш кандидатурата останала само на името на Гранж.

За неа велат дека носи многу заслуги што Англија беше на чекор од финале на Светско.

„Таа е просто неверојатна! Сите молчат и слушаат кога Пипа зборува“, изјавил еднаш Деле Али, а Ерик Дајер додал: „Голема чест ми е што соработувам со неа уште пред Светското првенство. 6-7 месеци пред стартот на првенството работевме со неа“.

А освен носорозите, Англичаните понекогаш на тренинг играат и со кукли петел - играта им била со петелот да допреш некој кој после треба да ги брка другите.

„Ние сериозно работиме на тоа на играчите да им направиме комфорна средина. Единството во репрезентацијата е најважно. На Светското во Бразил еднаш спиев во ист хотел со репрезентацијата на Холандија и селекторот Луј ван Гал. Се чудев колку опуштени беа фудбалерите. Тоа ми беше доказ дека атмосферата е најважна“, изјавил англискиот селектор Саугејт.

Триумфите од 5:0 над Чешка и 1:5 со Црна Гора покажале дека трките со еднорози им помагаат за добра атмосфера.