На лето фудбалот го остава уште една голема легенда

Чешкиот голман Петр Чех има неколку вселенски достигнувања во англиската Премиер лига. Држи рекорди кои тешко дека во догледно време некој друг голман ќе ги достигне.

Голманот на Арсенал, Петр Чех објави дека наскоро ќе ја заврши својата богата кариера. Тој ќе ја доигра сезонава и ќе стави точка на фудбалот.

„Ова е моја 20-та сезона како професионален играч. Чувствувам дека дојде време да објавам дека по крајот на сезоната ќе ја завршам кариерата. Достигнав се што сакав и освоив што беше можно. Продолжувам посветено да работам во Арсенал. Се надевам дека можеме да освоиме уште еден трофеј. Да видиме што ми спрема животот надвор од теренот“, напишал Чех на Твитер.

ГОЛМАН КОЈ НИКОГАШ НЕМА ДА СЕ ЗАБОРАВИ

Зад Петр Чех има 15 години врвен фудбал во Премиер лигата во која Чех стана легенда.

Во летото 2004 година, Челси го купи 22-годишниот чешки голман од Рен за 10,3 милиони фунти. Чех на „Стемфорд Бриџ“ помина цели 11 години за кои освои: четири титули во Премиер лига, ФА Куп, три пати Лига Куп, два пати Супер куп и по еднаш Лига на шампиони (одбрани три пенали во финалето со Баерн во Минхен) и Лига Европа.

Во 2015-та година Чех премина во редовите на Арсенал откако беше јасно дека на „Стемфорд Бриџ“ повеќе му веруваа на младиот Тибо Куртоа.

Со тимот на Арсен Венгер два пати го освои Супер купот на Англија и еднаш ФА Купот.

Иако со „топџиите“ не крена многу пехари, таму дополнително ги билдаше неверојатните бројки во кариерата:

- Само еден голман освоил повеќе титули од Чех во Премиер - тоа е Петер Шмајхел (5 шампионски трофеи). Едвин ван дер Сар и Чех имаат по 4.

ЧЕХ ИМА МНОШТВО ЛИЧНИ СУПЕРДОСТИГНУВАЊА

- Во првата сезона во Премиер (2004/2005) тој не примил гол на 24 натпревари што до ден-денес е апсолутен рекорд на лигата.

Таа година Чех го сруши подвигот на Шмајхел по должината на серија без примен погодок - од крајот на декември до средината на февруари на Чех не му дале гол: 1025 минути без да ја затресат мрежата. Четири години подоцна Едвин ван дер Сар 1.311 минути по ред не прими гол за Манчестер Јунајтед.

Чешкиот див има и мегарекорд по вкупниот број на натпревари без примен гол: 202. Овој рекорд влегол и во Гинисовата книга на рекорди.

Зад него далеку се Дејвид Џејмс со 169 средби во Премиер лига без примен гол, Марк Шварцер со 151 натпревари, Дејвид Симан со 140, Најџел Мартин 137, Пепе Рејна 134 и Тим Хауард 132.

162 меча без примен гол Чех имал во дресот на Челси (вкупно 228 во сите натпреварувања каде што бранел за „Сините“). Чех е еден од шестмината голмани кои имале повеќе од 100 натпревари без да примат гол.

Четири пати беше биран за најдобар голман во Премиер и е единствен кој го добил ова признание во два различни клуба. Вкупно Чех има 443 настапи во најдобрата лига на светот (333 за Челси и 110 за Арсенал). Примил 366 голови (241 за Сините и 125 за топџиите).

Минатото лето на „Емирејтс“ дојде Берн Лено и 36-годишниот Петр постепено го изгуби местото на голот (иако Емери на почеток му даде шанса).

Во седум кола сезонава прими 9 гола. Последен пат во Премиер како стартер се појави на 29 септември. Во сите натпреварувања сезонава има 12 меча и 12 примени гола. Апсолутен рекордер е и по бројот на настапи за Чешка - 124 натпревари. Долго време беше единствен голман кој успешно го задржуваше Меси: 6 меча против него во 10 години, Аргентинецот не му даде гол. Ова заврши во зимата 2016 кога Чех прими гол од Лионел против Арсенал.

***

Повеќе од 10 години Чех го гледаме на теренот со заштитен шлем на главата. Во есента 2006 тој преживеа страшна повреда на главата откако противнички фудбалер со сета сила во дуел со колено го удри. Неколку дена состојбата на Чехот беше критична и тој едвај се врати на терените.