На интервју во Баерн дошол со сандали и бермуди, па останал 30 години да прави добра атмосфера

Секој клуб има некоја своја стара легенда од внатре, некој лик за кого јавноста не знае ништо, а во клубот сите го сакаат и е омилен.

Прво нешто што направил сјајниот тренер на Баерн Минхен Ханси Флик кога седна на клупата наместо отпуштениот Нико Ковач - го вратил во стручниот штаб на Баерн Херман Герланд.

Уште од 1991-ва година Херман Герланд бил асистент во стручниот штаб на сите главни тренери на Баерн, од времето на Сорен Лербјо. Им помагал на Ерих Рибек, Луј ван Гал, Андрис Јонкер, Јуп Хајнкес, Пеп Гвардиола, Карло Анчелоти и денес Ханс-Дитер Флик.

Херланд е најголем талисман на Баерн, неговото влијание на екипата е големо. Тој постојано е присутен во клубот - се занимава со работа на асистент, помага во подготовка на натпревари, организира тренинг процес, мести чуњеви, дели маркери, им дава совети на играчите, исправа грешки, но сето тоа го прави така да тоа не изгледа на тежок работен ден.

Херман Герланд постојано разговара со играчите (па дури и на јазик со гестикулации ако треба), ги забавува и опушта играчите. Им го развеселува секој ден.

Во свое време, додека Французинот Франк Рибери играше во Баерн, станал многу близок пријател со Херман Герланд и покрај разликата во години. И двајцата растеле во сиромашни семејства и биле типични улични ликови. Со незгодниот карактер и избувлива природа Рибери имал потреба од човек како Герланд во близина за да може да ги искаже емоциите. Херман често си играл со него на тренинзите

„Мојата работа е во тоа да создадам другарски амбиент. Играчите, тренерите, лекарите, администраторите - сите ние треба да бидеме големо семејство“, вели Герланд за клупскиот канал.

Многу играчи на Баерн барале и нашле сродна душа во чичко Херман. На пример со Томас Милер обожаваат коњи. Герланд дури има и сопствен ранч од каде Томас Милер купил два млади коња. 

Херман Герланд го знаел штоперот Холгер Бадштубер уште од раѓање зошто многу години се дружел со татко му, а кога татко му починал, Херман му станал како втор татко на германскиот репрезентативец и се однесувал со него како со син.

Чика Херман знаел како било болно да се изгуби близок човек зошто на 9 години останал без татко.

Кога Бастијан Швајнштајгер на 18 години бил казнет за возење без возачка дозвола, Херман Герланд кој му бил тренер во младинските категории, единствен имал разбирање за Басти зошто и самиот го учел да вози кола кога овој имал 15 години.

Швајни во 2013-та сакал да му го даде златниот медал од финалето на Лига на шампиони на чичко Херман кој веќе и самиот добил медал како помошник на Јуп Хајнкес на тој меч. 

НА ПРВОТО ИНТЕРВЈУ ЗА РАБОТА ВО БАЕРН ДОШОЛ ВО ШОРЦЕВИ И САНДАЛИ, АМА ТРЕНЕРОТ ХАЈНКЕС СЕ ЗАЛОЖИЛ ЗА НЕГО КАЈ УПРАВАТА

Целата играчка кариера Херланд ја поминал во родниот клуб Бохум (важел за многу груб дефанзивец), а откако ја завршил кариерата, станал тренер на истиот клуб. Во сезоната 1987/1988 го одвел Бохум дури до финалето на Купот на Германија каде изгубил 0:1 од Ајнтрахт, а после 2 години со Нирнберг завршил на 9. место во Бундеслига.

Тоа се два најважни моменти од тренерските обиди на Херман Герланд. 

Оваа работа била многу напорна за него поради големата одговорност што ја имал. Новинарите на весникот Sport Bild во 1990-та година објавиле записи од дневникот на Херман кој го водел во првата година како тренер на Нирнберг (екипата се борела за опстанок).

„Ги мразам сите видови апчиња. Ама пред две недели не можев да издржам и го замолив нашиот доктор да ми даде некој седатив. Стресот од борбата за опстанок стана неподнослив. Непрестано имам несоница, дијареа и грчеви во мускули“, пишал Херман.

Во тој момент посакал нешто поспокојна работа и во 1990-та година добил повик од славниот Баерн Минхен. Станал тренер на младинците на гигантот.

Во Баерн дошол само на препорака на Јуп Хајнкес. Герланд на првото интервју за работа дошол во шорцеви-бермуди, дрес и сандали. На легендарниот Хајнкес му требало многу многу сили за да го убеди тогашниот претседател Фриц Шерер да не обраќа внимание на надворешниот изглед на Херман и да го вработи.

Херман Герланд веднаш покажал дека не е за џабе ангажиран и за првата екипа го спремил младинецот Дитмар Дити Хаман (лично ги убедил неговите родители да го пратат синот во школата на Баерн, а не во онаа на Минхен 1860), Маркус Бабел и Самуел Куфур.

Герланд дошол да тренира младинци, но неговото знаење да им ги упрости сложените задачи и тренинзи на младинците им се допаднал на тренерите од прва екипа.

Во сезоната 1991/1992 Баерн имал 2 тренери - прво Херман Герланд му бил помошник тренер на Серен Лербјо, а после и на неговиот наследник Ерих Рибек.

Баерн тогаш изгледал мизерно на теренот и бил 10. на табела во Бундеслига (втор најлош резултат во историјата на клубот).

Херман после тоа пробал одново да работи како главен тренер и тоа во Арминија Билефелд, Нирнберг, Улм и Тенис-Борусија. Но секаде имал слаби резултати. Едно време кренал раце од фудбал, сакал да одмори глава па решил да чува коњи и купил голема ергела во Северна Рајна-Вестфалија.

„АКО ГО ПРОДАДЕТЕ МИЛЕР, ЈАС СИ ОДАМ СО НЕГО“

Во 2001-ва година Баерн Минхен одново го викнал Херман Герланд да се активира по долгата пауза од фудбал што ја направил за да се посвети на коњите и ергелата.

Го барале да се грижи за младинците и од тогаш, од 2001 никогаш не си отишол од Минхен. За тоа време успеал да стане в.д. главен тренер, заменик спортски директор, раководител на центарот за подготовка на млади играчи, скаут (не баш долго) и 7 пати бил помошник тренер на главниот тренер на Баерн Минхен.

Со него во стручниот штаб, за Баерн заиграле: Швајнштајгер, Харгривс, Крос, Милер, Хумелс, Бадштубер, Алаба, Лам.

Многу други таленти од академијата кои ги тренирал Херман но не успеале да најдат место во првиот тим на Баерн, подоцна станаа ѕвезди во други клубови: Звездан Мисимовиќ во Волфсбург и Штутгарт, Петр Троховски во Хамбург.

На крајот на 2000-те години и почетокот на деценијата по 2010, скоро пола од стартниот состав на Баерн Минхен бил од фудбалери кои во академијата ги тренирал лично Херман. Никој подобро од нив не ги знаел нивниот карактер, силни и слаби точки на тие играчи. Херман Герланд имал единствена можност не само фудбалски да ги школува играчите и да ги води до прв тим, туку и да биде со нив кога почнуваат да играат на највисоко ниво.

„Сите ми се како деца. Ако некој од моите млади фудбалери успее, очите ми се насолзуваат“, вели тренерот Херман.

Во 2008-ма година од нигде никаде се појави вест дека Баерн сака да го продаде Томас Милер во Хофенхајм за 3 милиони евра. Кога за ова дознал Герланд, и рекол на управата: „Ако се случи тоа, јас си одам следен“.

После две години Милер го однесе Баерн Минхен во финале на Лига на шампиони и стана најдобар стрелец на Светското првенство во Јужна Африка.

„Ние низ многу нешта поминавме заедно со Тигарот (така го викаат стариот Херман Гелранд во екипата) и можам да кажам дека со ниту еден мој тренер во кариерата не ми било така комфорно да работам како со него“, рекол Томас Милер пред неколку години.

Кога Баерн решил да го продаде Хумелс во Дортмунд во 2009-та година, Херман рекол: „Направивме голема грешка и изгубивме одличен играч“. 

Герланд скоро никогаш не згрешил во проценка на играч кој го предлагал за прв тим, но имало моменти кога му кажале дека веќе не го разбира фудбалот.

На времето гарантирал за 17-годишниот Филип Лап чиј талент не го виделе останатите тренери во Баерн Минхен. На Лам му требало играчко време, минутажа и Герланд долго време барал клуб за него. Се сретнал со тренерите и предложил да го пратат на позајмица за да стекне искуство.

Филип никој не сакал да го земе, а еден тренер кој дошол да го гледа Лам на меч на младинците на Баерн дури и му барал на Херман да му ги плати патните трошоци. Херман дента се вратил дома и и кажал на жена му: „Ако детево не стане голем играч, јас ќе ја изедам мојата тренерска лиценца и ќе одам во ватерполо“.

Лам во 2003-та година некако бил пратен во Штутгарт на позајмица. „Му кажав на Магат (тренер на Штутгарт од 2001 до 2004) дека имам играч кој изгледа како 15-годишен а игра како 30-годишен. Он со задоволство го зема кај себе“, се сеќава Герланд.

После две години бекот Лам се врати во Баерн и веднаш заигра кај новиот тренер - погодувате, Феликс Магат. Во 2020 година Лам влезе во Куќата на славните во Минхен во друштво со Бекенбауер, Мајер, Герд Милер, Лотар Матеус и Оливер Кан.

Долги години беше незаменлив капитен на Баварците, освои Светско првенство со Германија и стана еден од најдобрите универзални бекови на сите времиња. 

Присуството на Герланд во стручниот штаб на Баерн им одел во полза на младите играчи кои денес се почесто влегуваат во прв тим.

Сезонава супер играчко време во Бундеслига добиваат двајца нови таленти: 17-годишниот Џамал Мусиала (најмладиот стрелец на гол во историјата на клубот, веќе има 2 гола - против Шалке и Ајнтрахт) и 20-годишниот бек Крис Ричардс (дебитираше за прв тим против Херта).

Ханси-Флик му дава шанса на 19-годишниот Џоуша Зиркзе кои лани дебитираше одлично и кој доби пофални зборови од Херман Герланд. На тренинзите тој посебно го следи развојот на секој играч.

Герланд формално има уште една должност во клубот - помошник му е на Флик но тој признава дека продолжува повеќе да се фокусира на работата со младинците и некогаш доаѓа на работа дури и кога е неработен ден во клубот.

„Мојата работа е Баерн Минхен. И ме интереира сè што се случува во клубот“, рекол Херман. 

Го сметаат за тренер од минатото зошто често води тренинзи со стоперица, признава само и само црна боја на копачки, не сака кога играчите носат високо кренати чорапи („личат на девојчиња ученички) и не сакал тетоважи, но неговите старомодни методи носат резултат.

Герланд користел историски тренажер кои играчите уште од времето го мразат, а со кој фудбалерите тренираат удар со глава

Кутињо не сакал да удира со глава во топка зошто се плашел дека ќе го повреди носот, а Герланд морал да го брка Кингсли Коман по теренот: „Ајде сине, мора да пробаш, ќе ти треба и тебе“.

Да се потсетиме и каков гол даде Коман во финале на Лига на шампиони:

Кога Пеп Гвардиола само што дошол во Баерн Минхен и не знаел германски, сите тренинзи ги водел Герланд. После тренинг му раскажувал на Гвардиола како фудбалерите реагираат, што се случува, што коментираат и што треба да смени.

Со денови седеле покрај лап-топ, задлабочени во бројки и извештаи за нивниот следен ривал, а Херман Герланд многу се радувал што претходно никогаш никој така студиозно како Гвардиола не ги спремал натпреварите. Херман бил водач на Пеп низ светот на Бундеслига. Секој втор одговор на новинарско прашање, Гвардиола го почнува со: „Херман ми кажа дека....“

За 30 години Херман Герланд немал ниеден сериозен конфликт со управата на Баерн Минхен. Ако и имало нешто, тоа останувало внатре длабоко во клубот.

Херман бил голем љубител на сандали од марката Birkenstock.

Пред неколку години морал да лета во Колумбија за да гледа некој играч кој бил потенцијално засилување за Баерн. Претседателот Ули Хенес му рекол да се облече поубаво:

„Те молам Херман само не во тие сандали. Ти си наш представник и треба да изгледаш пристојно. Ако сакаш јас ќе ти купам нормални чевли?“

Тогаш Герланд полетал за Колумбија во одело и лакирани чевли и така седел 2 часа на стадион на пеколни температури. Кога се вратил во Минхен рекол дека веќе никогаш нема да прифати да носи такво нешто.

Стариот волк Герланд вели дека не му треба да пропатува илјадници километри за да види потенцијална ѕвезда и ново засилување за клубот. Неговиот скенер, вели, работи одлично и во татковината.

„Просто гледам работи на кои другите не обрнуваат внимание. Тоа го правам и во обичниот живот. Скоро со жена ми гледавме емисија на телевизија и ја прашав: „Не приметуваш ништо кај водителот?“, таа долго време гледаше ама ништо не забележа. Тогаш и реков: „Обрати внимание на палецот на неговата десна рака, му фали дел“. Се работело за водителот Кај Пфлаум кој во детството изгубил дел од прст.

27 октомври 2020 - 13:20