Многу лош месец за Манчестер Јунајтед

Сè што Оле Гунар Солскјер направи на стартот како тренер откако го замени Мурињо може да падне во вода, а за тоа му преостанаа многу малку прилики, само три до крајот на сезоната од кои едната против Челси. Не се станува така лесно успешен тренер, особено не на Јунајтед.

Норвешкиот стратег дебитираше на клупата на Манчестер Јунајтед на 22 декември со гостински триумф над Кардиф од 1:5. Тоа беше прв пат овој тим да постигне 5 гола на меч во Премиер после оние 5:5 на Фергусон во мај 2013-та кога се повлече.

Потоа врза уште четири победи по ред и стана прв тренер на клубот кој стартувал со 5 од 5 после Сер Мет Базби во 1946-та. Серијата му продолжи со 6 победи во Премиер и вкупно 8 заедно со ФА Купот, а му заврши со 2:2 против Барнли на 29 јануари.

Со освоените 25 бода Солскјер стана тренер со најмногу освоени бодови во историјата на Премиер лигата откако седнал на тренерската клупа. Со гостинските 1:3 оствари уште еден клупски рекорд од 8 последователни гостински победи на сите натпреварувања.

И после целиот тој блескав почеток на младиот тренер, а не многу одамна џокер во нападот на Фергусон кој стартуваше со 14 победи на 19 меча, стигна и признанието од клубот. На 28 март му понудија три годишен договор.

Но што фајде од овие рекорди кои ако не ја оствари целта ќе стојат чисто само како историски факти. Во спротивно ќе имаат многу поголема тежина и ќе се заборават лошите кои се наредија.

Манчестер Јунајтед во последните месец и половина е во катастрофална серија со 7 порази на 9 меча, нешто што не им се случило од 1962-ра година, а имаат примено рекордни 50 гола колку што немаат примено претходно откако е формирана Премиер лигата.

Па Ватфорд има примено 50, Кристал Палас 48, Лестер 47, Арсенал 46, Њукасл и Евертон 44, Вулверхемптон 43, Челси 38, Тотенхем 35...Добро тука одбрана е крива и под водство на Жозе.

А и во напад не се сјајни. Немаат дадено гол 4 часа и 40 минути, а од игра немаат постигнато погодок 8 часа и 47 минути.

Во лошата серија од само две победи на 9 меча, Јунајтед беше елиминиран во ФА купот од Вулверхемптон, потоа доби лекција по фудбал од Барселона во ЛШ и го доведе под знак прашалник четвртото место.

На табела се шести со 64 бода, Арсенал има 66, Челси 67, а Тотенхем 70. До крај играат со Челси и Кардиф дома и со Хадерсфилд на гости. И да освојат 9 бода тоа може нема да биде доволно ако не киксне никој од другите конкуренти за ЛШ.

После високиот пораз од Евертон од 4:0 излезе ова:

25 април 2019 - 12:36