Митот за 2-0 како најнезгоден резултат

Неретко кога една екипа ќе даде втор гол за водство од 2-0, се наоѓа некој што ќе каже ’мајсторе, ова е најзаебан резултат’. Дали навистина е така или се тоа само празни кладилничарски муабети?

Теоријата сугерира дека екипите кои водат 2-0 во еден дел од мечот, стануваат позадоволни и што е нормално постојат поголеми шанси да победат на крајот, отколку екипите со гол предност кои се борат со концентрацијата поради ’тенката маргина’ од еден гол.

Вкупно, според реномираната Opta, 2.766 екипи повеле со 2-0 а броењата и анализите се правени на дуели од почетокот на новата Премиер лига во август 1992 година.

Од нив, 2.481 тима победиле на крајот кога имале водство од 2-0, 212 одиграле нерешено а 73 изгубиле. Од таа гледна точка, 90% од екипите кои стекнале предност од 2-0 на крајот слават, 7,4% играат нерешено а само 2,6% шокантно губат после последната судиска свирка.

Екипите, пак, со гол-предност не се баш непобедливи со оваа позитива затоа што од 5.721 тим кој повел со 1-0, само 2,987 успешно го привел натпреварот кон крајот, 1.747 тима ремизирале а 987 загубиле кога воделе 1-0.

Ова подразбира 52,2% победи на екипи кои имале гол предност, 30,5% ремизирале а 17,3% изгубиле. Од приложеното може да се констатира дека позитивата од 1-0 во текот на играта е поранлива од 2-0. Докажано и преку факти.

Процентот на победи е драстично голем и кај екипите кои славеле со убедливи 3-0. Очекувано. Од август 1992 до денес, од 1.119 тима кои воделе со 3-0, 1.099 ги освоиле трите бода а тоа е дури 98,2% победнички учинок. Во цели 25 години, само 16 тима се вратиле по негатива од 3-0 за да обезбедат нерешено и земат бод а само 4 од нив направиле неверојатен пресврт и на крајот победиле - тие се ’во малцинство’ со 0,4%.