Милан го купија Кинези, заврши ерата на Берлускони

По неколку месеци стани-пани, Кинезите и Силвио Берлускони го склопија договорот со кој легендарниот ’Берлуска’ заминува од институцијата која што ја направи славна и трофејна. Со него заминува и Галијани.

Кинезот Ли Јонгхонг (48) од денес е нов сопственик на Милан којшто преоѓа во други раце после 31 година управување на Силвио Берлускони. Во пресрет на големото дерби со Интер во сабота од 12:30, Милан доби нови газди.

Попладнево компанијата Фининвест која е во сопственост на Милан реши да ја заврши зделката со фирмата Rossoneri Sport Investment Lux во сопственост на Ли Јонгхонг. Нов Галијани во клубот ќе биде Марко Фасоне, човек кој во минатото беше оперативец на Интер, и десната рака на Ли Јонгхонг, Давид Хан Ли кој ќе биде потпретседател на клубот.

Новиот газда ќе располага со 99,93% од акциите во клубот за кој на рати плаќа 740 милиони евра.

Ли Јонгхонг е новиот сопственик на Милан

„Сега во сабота ќе се игра првото кинеско дерби“, се пошегувал Адриано Галијани на денешната средба на која добил голем аплауз.

Свој збор имал и новиот газда, Јонгхонг:

„Му се заблагодарувам на Берлускони и на компанијата Фининвест, на навивачите за трпението и на целиот колектив. Од денес ја градиме иднината“, изјавил Кинезот Јонгхонг.

Се огласил и легендарниот Берлускони:

„Заминувам денес, по 30-ина години претседателство на Милан. Тешко ми е, но одговорноста која што ја носи модерниот фудбал и борбата на највисоко европско и светско ниво, потребата од инвестиции и ресурсите на едно семејство веќе не се во состојба да се одржат. Никогаш нема да можам да ги заборавам емоциите кои Милан ми ги подари и ни ги подари на сите нас“, изјавил газда Силвио.

Многу поранешни играчи и тренери на Милан попладнево изјавија дека ова е тажен ден за клубот затоа што завршува една трофејна и успешна ера.