Менаџерот на Донарума ја раскажа нивната страна

Најконтроверзниот менаџер на светот доцна синоќа излезе пред новинарите (некои еминентни го бојкотираа зошто ги викал само кога му требале, инаку ги бркал) и раскажа зошто Џиџо одбил да потпише нов договор.

Менаџерот на Ибрахимовиќ, Донарума и уште стотина врвни фудбалери откри зошто неговиот клиент 18-годишниот голман одбил да го обнови договорот со Милан:

„На почеток Џиџо сакаше да потпише нов договор, тоа беше негова идеја. Поради тоа секогаш викав дека никогаш нема да замине без обештетување, но потоа почнаа заканите а ние бевме слабо заштитени од клубот. Самите го загубија. Во секој случај јас преземам одговорност“, го почна пресот синоќа Мино Рајола.

По три бурни дена во кои италијанската фудбалска јавност фрлаше со дрвја и камења по Донарума неговиот менаџер застана во негова одбрана. Рајола одржа прес од својот луксузен дом во Монте Карло и објаснуваше зошто Џиџо одбил.

ЗАКАНИ СО СМРТ ДО СЕМЕЈСТВОТО ДОНАРУМА

„Нека удираат по мене, но нека го остават Џиџо на мир. Веќе стигнаа смртни закани до неговото семејство, неверојатно. Веќе се организираме и преземаме безбедносни мерки. Апсурдно е што ние мора да го трпиме општото незадоволство. Дел од навивачите се сврте против него а управата не го заштити. Паролата против него во седиштето на Милан не беше тргната“, продолжува Рајола.

УЛОГАТА НА МИРБАЕЛИ И ЗА ИДНИНАТА НА ГОЛМАНОТ

„На четири кола пред крајот од првенството, Мирабели (спортскиот директор на Милан) почна да го стресира Џиџо. Имаше моменти кога детето го избегнуваше во Миланело. Го третираа како имот што го поседуваат, не како лидер. Го притискаа и му кажаа: Потпиши, после ако сакаш оди си. Брзаа, стискаа, напнуваа а на 13. јуни уште и диктат му поставија. Јас згрешив што не ја запрев колата што пеколно тргна надолу. Со ваков однос не можевме да кажеме да. Побаравме време, но Милан секој ден го информираше печатот и резултатите се гледаат. На крајот од краиштата Конти од Аталанта се закани дека нема да тренира за да дојде во Милан па никому ништо. Вакви работи сум гледал во минатото но повеќе на Југот“, без престан зборуваше Рајола од Монако.

НИКАКВА ВОЈНА НО ВРШАТ МОБИНГ, ГО ПРИТИСКААТ

„Џиџо на почеток беше убеден дека ќе остане во Милан затоа што да потсетам на 14 години ги одбра овие бои после контактите со Интер, без разлика што неговите го советуваа да оди во Интер поради разочарувањето од продажбата на брат му Антонио (исто голман). Џиџо посебно го погодија зборовите на Мирабели: Ако не потпишеш ќе седиш на трибина. Ќе видиме што ќе се случува сега, но ова е мобинг. Подобро да се умре стоечки отколку да живееш на колена. Имам одличен однос со Марко Фасоне (наследникот на Галијани), го знам уште од времето и тој знае дека може да смета на мене. Јас не сум во војна со Милан. Ми го побараа Матуиди пред некој ден како и Интер и Јуве. Ќе видиме.

„Пријател сум со Донарума и надвор од фудбалот, но за работата сме се спречкувале често. Најдобра работа за него денес е да си замине. Џиџо е многу тажен. Прво во глава имаше: нов договор. Потоа го следеше мојот совет. По средбата во Монтекарло со управата, Џиџо ми кажа ’искрено Мино, не сум сигурен’. Отсекогаш бев песимист а Џиџо секогаш е навивач. Следниот ден ми се јави откако пукна тиквата, сакаше да се врати ведар, но му реков не. Топката е во дворот на Милан. 

„Уште не сум зборувал со ниеден клуб, немаме договор и сигурно нема да брзаме да најдеме друга дестинација за Џиџо“

Лукавиот Мино не исклучува ни можност за нов договор со Милан.

„Ако ми се јават должен сум да ги сослушам затоа што Милан е работодавец на Донарума. Мислам дека не е најдобра солуција, но не исклучувам ништо. Ќе мора да го сменат тонот и начинот на однесување“, констатира Рајола чијшто клиент синоќа дебитираше на младинското ЕП У-21 со победа 0-2 против Данска.