Мега дерби во Лига на шампиони: Јувентус во Мадрид, Јунајтед на ПСЖ

Шеснаесет екипи останаа во борбата за трофејот од Лигата на шампионите. Сите сонуваат на 1 јуни 2019 да се најдат на преубавиот „Естадио Метрополитано“ во Мадрид каде ќе се игра финалето за ’ушестиот’ трофеј.

ПАРОВИ ЗА ОСМИНАФИНАЛЕ ВО ЛИГА НА ШАМПИОНИ:

ШАЛКЕ 04 - МАНЧЕСТЕР СИТИ
АТЛЕТИКО МАДРИД - ЈУВЕНТУС
МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД - ПСЖ
ТОТЕНХЕМ ХОТСПУР - БОРУСИЈА ДОРТМУНД
ЛИОН - БАРСЕЛОНА
РОМА - ПОРТО
АЈАКС - РЕАЛ МАДРИД
ЛИВЕРПУЛ - БАЕРН МИНХЕН

Точно напладне во Нион беше организирана церемонијата на извлекување парови за осминафиналето во ЛШ - настан народски познат како ждрепка. Пред почетокот на влечењето, сите осминафиналисти беа сместени во две групи: во едната се најдоа победниците на групите, а во другата второпласираните.

Манифестацијата The Road to Madrid ја водеа Педро Пинто и Џорџо Маркети, а куглите ги извлекуваа фудбалерката на Франција Лора Жорж и некогашниот освојувач на ЛШ со Ливерпул, Луис Гарсија.

Според правилата екипите кои биле во исгра група или доаѓаат од иста федерација, не можеа да се судрат меѓу себе. Реваншот на домашен терен е привилегија за оние кои ја освоија групата претходно.

Првите осминафинални средби ќе се играат на 12/13 и 19/20 февруари а реваншите се предвидени за 5/6 и 12/13 март. За 15 март е закажана ждрепка за четвртфиналето кое се игра на 9/10 април со реванши на 16/17.

Полуфиналето е на 30 април/1 мај со реванши на 7/8 мај а финалето е на 1 јуни 2019.