Марко Бориело - син на мафиозо и заводник кој сега игра на Ибица

Најголемиот заводник кој некогаш играл на Апенините не е ниту Виери, ниту Инзаги, ниту големиот Дејвид Бекам. Сите овие заедно му спушаат капа и му се поклонуваат на левоногиот центарфор кој играше речиси во сите клубови од Серија А.

Виторио Бориело, таткото на Марко Бориело го викале „цуцлата“. Прекарот го добил уште во младоста затоа што пиел пиво не директно од шише, туку преку цуцла.

Смешен прекар но и строг човек кој не прифаќал таква шега.

Вито Бориело рабоел со неаполскиот клан Маѕарела, ги контрорирал нивните финансии и бил лихвар. На 22 декември 1993 година „Цуцлата“ исчезнал. Неговото семејство шест години не знаело што се случило и каде е. Во 1999 година полицијата го уапсила нарко-дилерот Пасквале Ченторе, поранешен банкар, градоначелник на општината Сан Никола ла Страда и член на камора.

Ченторе направил договор со судот и го признал убиството. Според неговата верзија, таткото на Марко Бориело дошол кај Пасквале за некој долг и барал да му даде процент од 300 милиони лири за некоја зделка. Со тие пари тогаш можеле да се купат 30 нови автомобили Fiat Uno.

Ченторе го застрелал во градите со пиштол а телото на Бориело-постариот го закопал во дворот на својата вила.

Марко Бориело имал само 11 години кога татко му исчезнал. Тој никогаш не зборувал каков однос имал татко му со мафијата, но постојано велел дека бил убиен од мафијашите:

„Камора ја остави мајка ми без маж а мене и брат ми без татко. Јас растев во Неапол каде има многу улични банди. Полошо е од џунгла. Има десет години како одам во друго место. Фудбалот ми помогна да се справам со загубата на татко ми но сакам да знам дека видел колку успеав“, раскажал еднаш некогашниот италијански репрезентативец и центарфор на Рома, Милан, Јувентус и уште многу други клубови.

***

Поточно Бориело раскажувал и дека немал многу среќа во кариерата: „Најдобра сезона имав во Џенова каде дадов 19 гола а потоа пропуштив 10 месеци поради повреда. Закрепнав и се опоравив во Милан но тие го купија Ибрахимовиќ. Потпишав договор со Рома на пет години, но клубот смени тренер а за мене немаше место во новиот проект.

Марко не преувеличува затоа што навистина беше така. Во сезоната 2009/2010 Бориело стана најдобар стрелец на Милан кога во екипата беа Пато, Хунтелар, Инзаги и Роналдињо.

По доаѓањето на Златан Ибрахимовиќ и Робињо, „Росонерите“ морале да продадат еден од многуте центарфори а за Марко добиле понуди од Јувентус, Рома и Манчестер Сити.

Роберто Манчини, тогаш тренер на Сити му заѕвонил на агентот на Бориело но тој рекол: „Марко сака да игра во Лига на шампиони а вие играте во Лига Европа“.

Левоногиот шпиц отишол уште подалеку и рекол дека едно време го барале Реал и Манчестер Јунајтед

****

Откако ја избрал Рома (се договорил со тогашната претседателка на Римјаните Розела Сенси, ќерка на легендарниот Франко Сенси), Бориело ја одиграл најдобрата сезона во еврокуповите во кариерата - Во лига на шампиони дал 4 гола од кои еден против Баерн Минхен, но “Римската волчица“ испадна во нокаут фазата од Шахтјор.

Следната сезона прв шпиц на Рома беше Дани Освалдо кој дојде во клубот заедно со новиот тренер Луис Енрике (денес шпански селектор).

„Филозофијата на Енрике е поинаква од мојата. Сфатив дека не му требам за ништо. Но Луис набрзо го отпушија а јас отидов во Јувентус и станав шампион на Италија!“, се сеќава симпатичниот Марко.

Навивачите на Јувентус во една прилика извадиле банер на кој пишувало: „Бориело, наемник без достоинство“, но тренерот Антонио Конте бил задоволен од 13-те настапи на Бориело кој дал два гола:

„Марко е образован човек и голем професионалец. Задоволен сум како се вклопи во екипата“.

****

На 27 август 2017 година Марко кој во Италија се смета за најголем заводник меѓу фудбалерите, го дал дебитантскиот гол за СПАЛ против Удинезе и го израмнил неверојатниот рекорд на Никола Аморузо - дебитантски гол за 12 разни клубови.

За ваквиот подвиг на Марко Бориело му требале 14 години а неговиот „трип“ низ Италија изгледал вака: Емполи, Реџина, Сампдорија, Тревизо, Милан, Џенова, Рома, Јувентус, Карпи, Аталанта, Каљари и СПАЛ.

Најлуда сезона му беше 2016/2017 кога постигна 16 гола за Каљари. Во оваа сезона тимот од Сардинија пред триумфот против Удинезе од 3:2 имал дури четири порази по ред.

По поразот од Наполи (2:3, за 86 минути Марко не шутнал ниту еднаш кон противничкиот гол), клупскиот автобус го начекале гневни навивачи.

„Помалку да ебеш!“, му викнал некој од толпата.

Во декемврискиот меч против Верона таа сезона навивачите на Каљари го исвиркале Бориело кога излегувал од игра а тој им одговорил со саркастичен аплауз.

Ваквиот потег го налутил тренерот Леонардо Семпличи кој не го поддржал ветеранот Бориело и го седнал на клупата до крај од сезоната. Освен тоа Марко често го повредувал коленото и се разочарал кога клубот решил да не му помдири трошоци за лекување. Во еден момент дури и му забраниле да тренира со екипата и да оди во соблекувална.

Бориело во тој период одел во Лондон на лекување со алтернативна медицина, се консултирал со докторите од Милан и ги трошел сопственицте пари за да се врати на крајот од сезоната.

„Ја тргнав гордоста на страна и се помирив со понижувањето. Но не седев на клупата за резерви и не одев на трибините. Не можев да им се смешкам на навивачите кои ме навредуваа“, раскажал Марко Бориело.

Тој бил сигурен дека Семпличи ќе го земе за последното коло но тој не го ставил ниту на клупа.

Подоцна како играч управата на СПАЛ без објаснување одбило да го ослободи за прошталниот меч на Андреа Пирло на 21 мај годинава. Тоа било последна капка од чашата и Бориело го раскинал договорот со малку познатиот клуб СПАЛ.

****

Со Бобо Виери и Џанлука Ваки

Со скандал Бориело си отишол и од Каљари. Пред првенството 2016/2017 Марко се кладел со Кристијан Виери: ако даде 15 гола во сезоната Бобо да му плати одмор. На крајот Бориело постигна 16 гола а добиените пари од Виери ги дал за дефиблиратори во болниците во Неапол, на Сардинија и во Норча.

Таа сезона во Каљари му била една од најдобрите во кариерата. До личниот рекорд постигнат во 2008 во Џенова му фалеле само три гола. Набрзо налетал на незгодниот карактер на претседателот на клубот Томазо Џулини. Во договорот на Марко за следната сезона имало клаузула дека ќе добива по 50.000 евра за секој даден гол.

„Претседателот или е многу богат или не верува во мене“, рекол Марко на потпишување на новиот договор.

Се испоставило ова второто: кога на мечот против Пескара Каљари добил пенал тренерот Масимо Растели наредил да го изведе Жоао Педро а не Бориело. После неколку дена спортскиот директор Стефано Капоѕука, близок другар на Бориело му рекол дека ќе го отпуштат и дека треба да бара нов клуб. На крајот од сезоната и двајцата добиле отказ.

„Претседателот како да не сакаше да давам голови. Не сакаше да ми плати. Во соблекувална почнаа проблеми, се степав со Жоао Педро кого го назначија за нов изведувач на пеналите за да не давам голови. За време на еден натпревар ми рече: ’Затни се и играј’. Не можев да издржам а следното лето претседателот Џулини му предложил да потпишат нов договор но да ја тргнат ставката за бонуси за даден гол. Одбив и барав да ме стават на трансфер листа“, раскажува Марко за крајот на Сардинија.

Џулини имал своја теорија: „СПАЛ му понудил повеќе пари“. Тифозите на Каљари имале своја верзија: „Бориело испоеба се на Сардинија и му стана досадно“.

****

На овие гласини самиот Бориели вели: „Водам здрав живот. Легнувам во 22:30. Држам диета. Постојано работам со физиотерапевт“.

Но понекогаш знаел и да признае дека му годи статусот плејбој:

„Бориело VIP? Да постои таков, но тоа не сум сосем јас. Правиот Марко се труди на тренинзи кога никој не гледа. Него го нема на социјалните мрежи. На папараците сум им интересен само преку лето. Во време на сезона ги оставам без работа зошто седам дома, тренирам и играм“, вели ветеранот во Серија А.

Тој во медиумите редовно се појавува опкружен со прекрасни девојки. Неодамна се појави фотографија на некоја од плажите на Ибица каде Бориело е сликан со три разголени манекенки

На прашањето кој спиел со повеќе девојки, тој или Касано, Бориело вели:

„Кој имал повеќе жени од мене и Касано? Ако тој вели дека спиел со 600-700 жени, тогаш победник е. Но моите беа поубави. Сите, без исклучок. Можам да си дозволам повеќе но сексот за мене не е гимнастика. Треба да не спојува нешто, да има хемија. Во што е мојата тајна? Не сум нешто убав, ама сум, да кажам обдарен, ако ме разбирате што зборува. И таму имам тетоважи“.

Најголемиот плејбој на италијанскиот фудбал вели дека не верува во семеен живот: „Претпочитам да бидам неженет како Роналдо (Бразилецот). Тоа е мој личен избор. Животот на фудбалерите знае да биде монотон а јас не сакам некоја да биде со мене само ради реда. За фудбалот сум се откажувал од голема љубов. Треба прво да ја завршам кариерата па потоа да мислам да создадам семејство. Сега сите мисли ми се насочени за фудбалот. А тие што тврдат дека мислам само на убави жени, просто ми завидуваат“, вели Бориело.

Интересно тој октрил и дека како модел во реклами зарабтоувал повеќе отколку како фудбалер. „Во Каљари заработував милион евра годишно а во СПАЛ 1,3 милиони евра. Во Милан играв со Дејвид Бекам и често одевме заедно во шопинг и си купувавме подароци. Ако бирам Италијанец, најмногу ми се допаѓа стилот на облекување на Клаудио Маркизио. За жал има и многу фудбалери кои не водат сметка за својот изглед“, додава шпицот.

ГОВОР ОД КАРДИНАЛ МУ ГО СМЕНИЛ НАЧИНОТ НА РАЗМИСЛУВАЊЕ

По раскин на договорот со клубот СПАЛ, Бориело традиционално отишол на одмор на Ибица каде царува секое лето. Во 2008 година купил куќа на овој остров а уште една вила му подарил познатиот милионер Џанлука Ваки но Марко неа ја продал.

Во еден момент се нарекол себе „ранет лав“ кој до бројката од 100 гола во Серија А го делеле само 4 погодоци. Но сфатил дека во животот има нешто поважно од фудбалот.

„Смртта на Давиде Астори многу ме потресе. Бев на погребот и слушав како кардиналот зборуваше за тоа дека парите и успехот се минливи и дека животот може да се смени во еден момент. Тогаш решив да се однесувам поскромно кон нештата. Давиде замина но ни остави важна лекција. Јас одамна сакав да се преселам на Ибица. Таму има многу сонце, море и забави. А сега има и фудбалски клуб“.

Веста дека потпишал договор со фудбалскиот клуб од Ибица го обиколи светот.

„Пишував историја во италијанскиот фудбал сега сакам да пишувам историја во шпанскиот“, вели Бориело кој купил 5% од акциите на Ибица која игра во Сегунда Б, трета лига во Шпанија.

Се надева дека ќе привлече нови спонзори.

Интересно, клубот Ибица го основал поранешниот претседател на Валенсија Амадео Саливо и веќе го искачил два ранга погоре. Зборуваат дека сакаат да ги доведат и Антонио Касано и Рафаеле Паладино. 

Договорот со Ибица важи една година. Марко Бориело во јуни годинава наполни 36 и тоа било повод да го цитира Роџер Федерер: „Ако си мотивиран и го следиш своето тело, возраста не значи ништо.“

Но кариерата на Марко наскоро ќе заврши а тој најавува интересна биографија: „Ќе раскажам многу настани со Галијани, Берлускони, политиката и геј фудбалерите. Но само по крајот на кариерата“.