Јунајтед го прави најскап на свет стоперот на кого Фергусон му се јавил пред 8 години

Англискиот репрезентативец Хари Мегваер наскоро би можел да го сруши трансфер рекордот на Вирџил Ван Дајк и Матејс Де Лихт за најскап дефанзивец на сите времиња. Јунајтед спремен да плати 80 милиони фунти за него.

Управата на Манчестер Јунајтед се ангажирала за трансфер на Мегваер на силна препорака на сер Алекс Фергусон. Нема ништо чудно во ова, затоа што пред 8 години легендарниот тренер на Јунајтед лично го гледал стоперот на Шефилд Јунајтед и дури му се јавил после мечот.

Мегваер е роден во Шефилд и ги поминал сите категории во младинскиот систем на клубот Шефилд Јунајтед. Во 2011 година клубот бил на дното од Чемпионшип, а Хари добил шанса да дебитира во април истата година. Тој не го спасил клубот да испадне во Лига 1 на 4 рунди пред крајот, но го покажал својот талент.

А во тоа време младинците на Шефилд играле во FA Youth Cup - најпрестижниот турнир за млади играчи во цела Англија. Шефилд Јунајтед стигнал до финалето, а Мегваер бил лидер на одбраната. Во полуфиналето ја победиле традиционално силната Астон Вила (на крајот од 2000-те години тие ја освоија младинската Премиер лига 3 пати по ред).

Во финалето Шефилд се сретнал со една од најсилните екипи во историјата на младинскиот ФА Куп - Манчестер Јунајтед.

Таа година децата на Јунајтед ги победуваа Вест Хем, Њукасл, Ливерпул и Челси. Во тимот биле Пол Погба, браќата Кин (стоперот Мајкл и напаѓачот Вил), Џеси Лингард, Равел Морисон и други таленти.

Финалето на ФА било во два меча - дома и на гости. На стадионот „Бремал Лејн“ (домашен стадион на Шефилд Јунајтед) се почнало лошо за Хари Мегваер. Во 14’ минута по еден шут на Џеси Лингард, топката ја удира Мегваер со глава и таа завршила во гол. Судијата Мајкл Оливер (да, тој што ја уништи Реал - Јувентус во ЛШ) го признал голот кој не постоел:

Натпреварот завршил 2:2 а Шефилд два пати го израмнувал резултатот. Пред реваншот на „Олд Трафорд“, тренерот на Шефилд Џон Пембертон ветил дека ќе се борат до крај, но ништо не се случило.

Манчестер повел со 2:0 по головите на Равел Морисон и Вил Кин во првиот дел, а во 57 минута Хари Мегваер добил потрес на мозок и бил изваден од игра.

Мечот од трибините го гледал сер Алекс Фергусон. Тој видел како неговите деца го победиле противникот и видел како Мегваер добил потрес на мозок.

Поради повредата, 17-годишниот Хари ноќта ја поминал во болница во Манчестер, не се вратил со другарите за Шефилд. Од Манчестер Јунајтед му пратиле дрес со желба за поскоро оздравување, а после пар дена му заѕвонел непознат број и кога се јавил се шокирал. Се испоставило дека зборува со Алекс Фергусон кој му се јавил да праша како е.

Ферги тогаш му рекол дека треба да продолжи многу да работи и скоро ќе игра на високо ниво. Така и се случи: после 8 години Хари Мегваер е еден од најдобрите дефанзивци во Премиер лигата и се наоѓа пред вратата во Манчестер Јунајтед кој ќе го прави најскапо платен стопер во историјата.

МЕГВАЕР СТАНАЛ СЕРИОЗЕН ПРВОТИМЕЦ ВО ШЕФИЛД

Откако испаднал во трета лига, Шефилд решил да им даде шанса на младите играчи, па во сезоната 2011/2012 Хари Мегваер постојано играл од старт. Веќе во август месец го прогласиле за најдобар млад играч на месецот во Лига 1. На крајот од сезоната Шефилд завршил на 3 место но во плејофот изгубил од Хадерсилд. Хари бил избран во тимот на сезоната на Лига 1.

Потоа прешол во Хал, а од таму во Лестер каде стана еден од најдобрите стопери во Премиер лигата. Се прослави на Светското првенство 2018 во Русија.

Интересно, Равел Морисон, човекот кој важел за најталентиран на целата генерација во Манчестер Јунајтед летово потпиша со Шефилд Јунајтед, а Хари Мегваер ќе оди во Манчестер.