Малиот Лука кој спиел во кола, сега ќе игра во Реал Мадрид

Првиот голем трансфер во Европа бидна. Го направи Реал Мадрид, откако потпиша договор со српскиот репрезентативец од Ајнтрахт Франкфурт, Лука Јовиќ, шпиц кој сезонава растури во Лига Европа и Бундеслига.

Лука Јовиќ, за разлика од многу познати фудбалери од просторот на поранешна Југославија, не видел војна. Српско-босанскиот конфликт заврши две години пред Јовиќ да се роди, а НАТО бомбардирањето за среќа го одминало неговото родно село Батар.

Лука е роден во Босна, поточно во српско семејство на територијата на Република Српска - еден од двата федеративни дела на Босна и Херцеговина.

*****

На седум години, Лука Јовиќ почнал да игра фудбал во градчето Лозница во Србија, на 20 минути возење од неговото родно место Батар. После неколку години, од клубот му плаќале по 50 евра за патни трошоци, а Лука сите пари му ги давал на татко му кој пак не сакал да ги земе и му ги оставал.

Кога Јовиќ ги воодушевил локалните ловци на таленти, за него разбрале и скаутите на Црвена Звезда кои еднаш дошле да го гледаат и го прашале со која нога подобро шутира? „Со двете“, им рекол Лука. Скаутот не поверувал и побарал од малиот да шутира пенал со лева па со десна нога. Јовиќ дал два гола.

Во детството негов идол му бил легендарниот центарфор Саво Милошевиќ кој му паѓал втор братучед на татко му. Саво е роден во соседниот град Бјељина, а легенда е на Партизан на кого му донесе неколку титули како играч и Куп сега како тренер.

Партизан активно се распрашувал за Лука кај татко му кога биле во Белград и дури му понудиле 200 евра месечна плата за младиот бисер. Кога од Звезда дознале за тоа, кренале бука против најголемиот ривал дека нечесно им ги зема играчите.

Од родното место Батар до Белград има најмалку три часа со кола во еден правец, така што татко му Милан шест години го возел Лука во стариот Volkswagen Passat.

За да не се возат нон-стоп натаму наваму, Јовиќ постариот и Јовиќ помладиот понекогаш спиеле во кола во паркот близу тренинг кампот.

„Спиевме во тој ’Пасат’. Ќе го спуштам задното седиште, ќе земев од дома ќебе и перница и на Лука ќе му направев кревет. Така чекавме натпревари, зошто инаку од Батар моравме да возиме порано. Се сеќавам еднаш за викенд играше два меча, првиот во сабота попладне, а другиот во недела рано од сабајле. Не се исплатеше да се враќаме преку Дрина. Ја донесов колата кај Јужната трибина и тука преспавме. Ја палев колата често за да не се смрзне малиот. Ни приоѓаа чуварите да видат што се случува, дури не гледаа и луѓе кои чепкаа по контејнерите... Сите се чудеа“, раскажува Милан Јовиќ за почетокот на кариерата на неговиот син.

Подоцна кога за ова разбрала извесна Јадранка од фудбалскиот сојуз на Србија, рекла дека веќе нема да се случува тоа и многу им се нашла околу сместување. Татко му на репрезентативецот Душко Тошиќ зел обврска да го вози малиот на натпревари за викенд. 

Пасатот уште е во дворот во родната куќа на Јовиќи во село Батар. „Не можам да го дадам туку така. Тој ми е сеќавање“, признава Милан.

ИМ ПРЕДЛАГАЛЕ ГЕРМАНСКО ДРЖАВЈАНСТВО, СЕСТРА МУ СЕ БОРЕЛА СО ЛЕУКЕМИЈА

„Кога Лука имаше 9 години, во Батар неочекувано дошле два џипа со германски регистрации. Од колата излегоа двајца поранешни југословенски играчи. На Лука му кажаа дека може брзо да му средат документи и да бира кај сака да игра. Еднаш кај мене дојде и скаут на Арсенал за да потпише договор со Лука. Пред мене разговараше на телефон со Арсен Венгер. Но одбивме. Среќен сум што син ми е приземјен“.

Од џиповите излегле Фреди Бобиќ и Мики Стевиќ, првиот легенда во Штутгарт и сега главен оперативец на Ајнтрахт Франкфурт, а вториот шеф на спортска служба во Борусија Дортмунд. Дури и усмено се договориле Лука да се пресели во Германија, но на крајот не испаднало така.

Во 2006-та година му нуделе и германско државјанство и средени услови за живот во Германија. Но Лука бил многу поврзан со баба му и дедо му, а во тоа време баба му и две-годишната сестра на Лука имале леукемија. Да ги остави во таква состојба, тој не сакал да слушне и решиле да прифатат да остане во Црвена Звезда.

Центарфорот тогаш уште играл за младинците, не заработувал којзнае колку, па пари за лекување давал и Саво Милошевиќ. Бабата се откажала од лекарства, со цел да има повеќе достапни за внуката. На крајот девојчето оздравело, се излечило а бабата починала.

ГОЛ НА ДЕБИТАНТСКИ МЕЧ НА 16 ГОДИНИ

Лука Јовиќ вели дека нема да го заборави дебито за Звезда. При резултат 1:3 со Војводина, тој на 16 години влегува во игра од клупата за резерви и дава гол за израмнување. Спортскиот директор на Звезда, Звездан Терзиќ тогаш за Лука рекол дека е “српскиот Радамел Фалкао“.

Во сезоната 2014/2015, Јовиќ често играше од старт отколку што беше резерва и постигна шест гола. Но во тој период Црвена звезда заостануваше бодовно зад шампионот Партизан, тренерот Ненад Лалатовиќ беше отпуштен а на негово место дојде Миодраг Божовиќ кој речиси цела кариера е во Русија.

Иако црногорскиот стручњак им ја врати титулата на „црвено-белите“, Лука кај него играше многу ретко. Клубот беше во тешка финансиска состојба а за Јовиќ била заинтересирана Бенфика. Во еден момент управата дури и договорила трансфер, го продала Лука без да го прашаат за мислење.

Тој трансфер бил многу матен, зошто прво премина во кипарски Аполон за 2 милиони евра, а следниот ден во Бенфика за 7 милиони евра. Во целиот трансфер бил вклучен Пини Захави, еден од најпознатите светски менаџери.

Во првата сезона Јовиќ одиграл само три меча, односно 17 минути од клупата за резерви (во Купот, во првенството на Португалија и во Лига на шампиони). 

Како што обично се случува со младите фудбалери во странство, така биднало и со 18-годишниот Јовиќ. Тој заработувал многу пари, но му фалел домот и летаргично не тренирал многу. Притоа конкуренцијата му била пеколна: Митроглу, Раул Хименез, Бразилецот Жонас.

„Митроглу даваше гол на секој втор меч, а кога не даваше тој, од клупа влегуваше Хименез. И постигнуваше гол. Но сериозни грешки си допуштив самиот јас. Ме продадоа против моја волја, јас бев уште млад и недоволно психички спремен. Непрофесионално се понесов. Слабо тренирав. Мора да се признаат сопствените грешки. Проблемот беше во главата, мене ми фалеше домот“, признал Јовиќ после неколку месеци во интервју за Mozzart Sport.

Легендарниот Руи Коста кој е алфа и омега во Бенфика многу му помогнал на младиот Србин. Еднаш после некоја пријателска Руи Коста дошол да разговара со него, а Лука го гушнал и му рекол: „Сакам дома, сакам само во Звезда.

Пред мечот во кој првпат сакале да го пуштат во почетниот тим на Бенфика, Лука до сабајле заглавил во ноќен клуб.

„Митроглу падна во форма, Хименез се повреди, а јас почнав да давам голови за вториот тим. Тоа беше моја најдобра недела на тренинзи. Што и да шутнев влегуваше. Му давав голови на Едерсон (шампион со Сити во Премиер лига) со лева, со десна, со глава.

Во четвртокот, на два дена пред мечот, тренерот почна да ме става со стартерите на тренинг. Митроглу се изнервира, слушав како пцуе на грчки. Руи Коста дојде после тренинг кај мене и ми рече: „Гледаш дека се врати. Тоа си ти. Целата работа е во головите. Така сакам да те видам.“

За жал истата вечер излегов во ноќен клуб и таму заглавив цела ноќ. Ме приметија и секако не бев ниту за клупата за резерви во саботата“.

Сезоната 2016/2017 беше последна за Лука Јовиќ во Португалија. Еднаш на мобилен му се јавил Фреди Бобиќ којшто одамна дошол во Република Српска да му понуди да игра во Бундеслигата.

Бенфика се согласила да го пушти Лука на 2-годишна позајмица со приоритетно право на откуп на договорот за Германците кои платиле 7 милиони евра. Смешна цена во однос на она што ќе следува во животот и кариерата на Србинот.

Во португалскиот гигант никој не верувал дека Јовиќ ќе блесне и затоа решиле да го продадат во Ајнтрахт Франкфурт кој сега трие раце поради екстремно богатиот трансфер - рекорден во клупската историја. Но Бенфика ќе има голем приход од трансферот на Јовиќ од Ајнтрахт во Реал затоа што на шампионот на Португалија му следуваат 30% од продажбата односно околу 18 милиони евра, плус и 7 милиони евра кои ги земаа од Франкфурт за претходниот премин на Лука.

Сезонава Лука постигна 17 гола во силната Бундеслига и 8 во Лига Европа против јаки противници. Лука неодамна ја реновирал куќата во родното село Батар, и и купил стан во Белград на девојка му и нејзините родители.

Како даваше голови сезонава, така следниот ден следуваа наслови за гигантите на светскиот фудбал кои се заинтересирани за него. Во редот за потпис со Лука застанаа Манчестер Сити, Барселона, Баерн Минхен, Интер и Реал Мадрид.

Кога новинарите на германски Bild го прашале татко му Милан за интересот од топ клубовите, тој рекол „Лука еднаш кажа: Тато, ја можам да заработувам милиони, но спремен сум да играм и за десет евра. Е толку го сака фудбалот“.

На крајот бисерот го купи Реал Мадрид чиј газда Флорентино Перез не жалел 60 милиони евра за 6-годишен договор со Јовиќ.

Интересно, Реал претходно не купил номинален класичен центарфор веќе 10 години. Ова е прв таков трансфер по трансферот на Бензема од Лион во 2009 година (35 милиони евра). Во напад доаѓаа играчи на позајмица (Чичарито, Адебајор) или повратници од позајмица (Мората, Маријано).