Малиот кој спаси 20 деца во школскиот масакр во САД ќе го види Меси

На 14. февруари годинава 19-годишниот Николас Круз со автоматска пушка уби 14 ученици и 3 наставници во школо на Флорида. Бројот на жртвите можел да биде многу поголем ако не бил 15-годишниот Ентони Боргес.

Малиот Боргес ја затворил и ја држел вратата во одделението и спасил 20 луѓе. Кога монструмот пукал во вратата, пет куршуми завршиле во Ентони (во грб, во бутот и во нозете), но за среќа останал жив.

Татко му на Ентони отворил краудфандинг страна (за собирање средства) за лекување на син му. Тоа го привлекло вниманието на Барселона во чија академија во Лодерхил (на Флорида) Ентони тренирал во 2016-та. Сонувал да стане професионален фудбалер.

Фудбалерите на Барселона му пратиле дрес со автограм од секој од нив на Ентони кој се опоравува од операциите. Кога ќе заздраве целосно, клубот ќе му организира средба со Лионел Меси и останатата екипа.

Официјалното соопштение на каталонскиот клуб гласи: „Ние ја нудиме помошта на нашите лекари за Ентони да ја добие потребната хируршка помош, за да може што е можно поскоро одново да се насладува на фудбалската игра. Ентони отсекогаш мечтаел за премин во Барселона и средба со првотимците. Му кажавме на татко му дека ќе ја организираме таа дружба“. 

Ројер Борхес, таткото на малиот изјавил дека претставниците на Барселона снимиле гласовна порака за поддршка до малиот: „Клубот покажа неверојатна поддршка. Случајно ја слушнав гласовната порака кога Ентони се спремаше за операција. Ја пуштив пораката на најгласно за Ентони да може да ја слушне. Тоа го израдува и се насмевна“.