Луда завршница во Турција каква што никогаш немало

Нови правила за голманските дејствија има во многу спортови. За оние кои не знаат, од минатото лето при ударот од 11 метри (пенал), голманот мора да остане со едната нога на линијата до самиот удар (народски не смее да излагува со двете нозе).

Последен комичен и апсолутно епски случај со ова правило се случил во турската трета лига. Во 90’ минута домаќинот Ушакспор водел 2:0 против Ерџен Велимеше. Но тогаш почнал циркусот:

Во последната минута од мечот судијата свири пенал за гостите. Голманот на Ушакспор, Ерсин Ајдин го брани ударот и ја одбива топката во корнер. Но линискиот судија сигнализира дека голманот бил излезен од линијата.

Судијата го вратил пеналот а голманот добил жолт картон.

Ајдин го брани и вториот пенал, но линискиот судија повторно сигнализира неправилен голмански став, односно дека Ајдин пак излегол пред линијата. На главниот судија веќе му прекипува и му дава втор жолт и автоматски црвен картон на голманот Ајдин. И решава да пеналот одново да се изведе.

И на гол за домаќниот ракавици облекува стоперот Левент Актуг. И пазете чудо - го брани третиот пенал! А линискиот судија овојпат нема замерки.

Тренерот на домаќинот Ушакспор после мечот изјавил дека никогаш во живот не видел нешто слично. 

20 јануари 2020 - 16:57