Лоша сезона за најплатените фудбалски тренери

Жозе доби отказ од Челси, Рафа се изгоре во Мадрид и испадна во втора лига со Њукасл, Ван Гал заврши 5-ти со Манчестер, а Пеп повторно киксна во Европа. Славните тренерски имиња потфрлија и не ги остварија поставените цели.

Кој се разбудил утрово во Истанбул и направил еден круг низ град, сигурно во трафиките го забележал на насловните страници Жозе Мурињо, а доколку не разбира турски ја видел бројката 15. Тоа се милиони евра, сума на пари која според весникот Fanatik, Фенербахче му ја нуди како годишна плата на Португалецот.

Тоа е нешто помалку од платата која ја земаше во Челси, клуб кој го направи најплатен тренер во светот. Неколку месеци по освојувањето на титулата во Премиер лигата, Абрамович мораше да го отпушти бидејќи неговиот клуб не можеше да излезе од кризата.

Во топ 10-те најплатени тренери според Франс Фудбал повеќе од половина не го остварија она што се очекуваше од нив. Тука е Капело кој раскрсти со руската репрезентација, потоа Бенитез, Роџерс, Ван Гал, Гвардиола кој освои Бундес, но излезе од Европа, Венгер кој обезбеди пласман во ЛШ, но пак не освои трофеј, а на оваа листа ќе влезе и Клоп доколку вечер не успее во финалето од ЛЕ.

Жозе Мурињо

Бродот кој тонеше наречен Челси го напушти под притисок на очајните резултати на тимот, но и поради нарушениот однос со дел од играчите. Мурињо си замина на 17 декември откако освои само 15 бода на 16 меча во Премиер лига на кои имаше дури 9 порази. Една сезона претходно ја освои титулата.

Луи ван Гал

Петто место и нова сезона без пласман Лига на шампиони е премалку за тим како Манчестер Јунајтед. Холандскиот стратег потроши 160 милиони евра за засилувања, но се соочи со елиминација уште во групната фаза од ЛШ каде понатаму отидоа Волфсбург и ПСВ, а потоа следуваше шамарот од Ливерпул во Лига Европа. Единствена утеха им останува ФА Купот каде во финале играат против Кристал Палас.

Рафа Бенитез

За тренер кој има освоено Лига Европа и Лига на шампиони срамота е да се каже дека ќе тренира клуб во втора лига. Во Реал Мадрид издржа само пола сезона бидејќи Барселона направи голема предност на табела пред Реал Мадрид, а потоа доби задача да го спаси од испаѓање Њукасл и не му успеа ни тоа. Според најавите од Англија ќе остане во овој клуб и во Чемпионшип.

Пеп Гвардиола

За неколку месеци Пеп ќе стане најплатен тренер во светот бидејќи Манчестер Сити ќе му дава годишна плата од 20 милиони евра. Со Баерн не дозволи изненадување во Бундеслигата и освои 3 од 3, но од него се очекуваше пехар и во Лигата на шампионите каде три сезони по ред стигна од полуфинале.

18 мај 2016 - 15:28