Лондонско финале во ЛЕ со македонски кандидат за трофеј

Финалната пресметка во Лигата на Европа во Баку може да донесе нов историски момент за македонскиот фудбал, а тоа е наш човек за прв пат да закачи медал на градите од ова натпреварување.

Мечот меѓу Арсенал и Челси кои на 29 мај ќе се судрат во финалето на ЛЕ во Баку ќе биде поразличен од сите други по неколку нешта. Ќе гледаме градско дерби, за прв пат ќе се користи ВАР технологијата, тренерите во евентуалните продолженија ќе имаат право на четврта измена и сите 23 играчи ќе бидат на располагање.

УЕФА донесе ново правило според кое место 7 како што беше до сега, на клупата на резервни играчите ќе можат да седат 12 играчи. Претходно петмина од вкупно 23 мораа мечевите да ги следат од трибина.

Од ова проширување ќе профитира Дејан Илиев кој во финалето ќе се најде на клупата за резервни играчи на Арсенал. Тој беше повикан во полуфиналето против Валенсија, но мечот го следеше на трибините на Местаља.

Сега шансата за настап ќе ја чека како трет голман, во конкуренција на Петр Чех и Бернд Лено. Се разбира дека не сакаме да кобиме, но уште поголеми шанси за настап би имал ако во случај едниот од првиот или вториот голман се повреди.

Откако Дејан Илиев почна да тренира во младинскиот погон на Беласица, во истата 2012-та се пресели во Англија. Тој ги мина младинските екипи на Арсенал У18, У19, У21 и У23 и се избори за место во сениорскиот тим на Венгер, сега на Емери, но за сега како трет голман.

24 годишниот Илиев настапуваше и во младинските селекции на Македонија, но сè уште чека шанса за настап во сениорскиот национален состав.

Без разлика што како трета опција шансите за деби во првиот тим на Арсенал се мали на финалето во Баку, тој и без настап има можност да стане првиот Македонец со трофеј во Лига Европа.

За сега освојувачи на едно клупско европско натпреварување остануваат Панчев и Најдоски со Ѕвезда во КЕШ и Пандев во ЛШ, односно најелитното натпреварување кое во 92-ра го промени името и форматот.

Со оглед на тоа што Арсенал не обезбеди пласман во ЛШ преку Премиер лигата, трофејот би им бил спас на сезоната, бидејќи победникот обезбедува директен пласман во ЛШ.

Оваа финална пресметка која ќе ја гледаме следната среда од 21:00 часот (23:00 во Азербејџан) ќе биде последен меч за легендарниот колега на Илиев, Петр Чех кој на 37 години кои ги наполни вчера, се повлекува од играње фудбал.

21 мај 2019 - 12:26