Лига во која и Барса и Реал би се намачиле

Италијанската втора лига отсекогаш била предмет на мистерија. Анонимни екипи од нигде никаде влегувале во Серија А, а славни клубови испаѓале во понизок ранг. Годинава конкуренцијата е ужасно голема а има и многу занимливи поединости.

Доволно е само да се погледне табелата во Серија Б по 9 одиграни кола. Во Серија Б разликата од 1. до 19. место е само 5 бода или 6 бода од пласман во А до кошмарно испаѓање во Ц.

Првите два тима на крајот од сезоната одат директно во Серија А (во моментов прв е Палермо на нашиот Илија Несторвоски кој е капитен на тимот), а од 3. до 8. место ќе се разигрува бараж за пласман во А. Овој бараж, заедно со оној од англискиот Чемпионшип се смета за најтежок плејоф во фудбалска Европа.

Од Б испаѓаат три екипи додека двете над цртата ќе играат бараж за опстанок.

Неколку важни факти кои ќе ве натераат будно да ги следите настаните од Серија Б сезонава:

- Лигата е толку тешка за играње што на пример клубовите на Топ7 местата на табелата можат да соберат помалку бодови отколку оние во долната половина. На пример минатото коло првите 7 екипи собрале само 4 бода (1 победа, 1 нерешена и 5 порази) а аутсајдерите - 12 бода (3 победи, 3 нерешени и еден пораз).

- Во современиот формат на Серија Б (т.е. од 2004 година) лидерот никогаш немал помалку бодови после 9 одиграни кола. Со ваква динамика првопласираниот Палермо не би влегол во Серија А во 11 од последните 13 сезони.

- Расте и ефикасноста. Денес во Серија Б се даваат по 2,70 гола во просек по натпревар за разлика од лани кога просекот беше многу понизок - 2,18 гола по натпревар.

- Во 9 колa се случи парадокс: шест нерешени меча завршиле со идентичен резултат 2:2 а пет завршиле 3:3.

- Во Серија Б одново работи лудиот офанзивец Зденек Земан. Неговата Пескара која што ја водеше во најдобрите денови од клупската историја е 8-ма, а на нејзините мечеви во просек паѓаат по 3,4 гола. По скорешната серија со резултати 0:0 и 1:1, Земан изјавил:

„Подобро да примиме ама да дадеме гол повеќе од противникот отколку да се радуваме на победа со еден гол“, вели ’Боемот’ кого го италијанската јавност многу го почитува.

Во лигата има уште еден необичен тренер, поклоник на напаѓачки фудбал. Сандро Почески, тренерот на Тернана (16 место, 16 дадени голови и 19 примени). На првата прес-конференција Сандро Почески изјавил дека ќе игра во формација 3-7 но на една недела до почетокот на сезоната се согласил на компромис:

„Ќе се ориентираме на 3-1-6. Така ќе играме без многу контакти“.

Во Серија Б тренер е и легендарниот центарфор на Милан и Италија, Филипо Пипо Инзаги. Тој ја води Венеција која што добро се држи на 4. место со добра одбрана (помалку примил само лидерот Палермо) и не така моќен напад (Венеција не дала гол четири кола).

Легендарниот бек кој на Италија и донесе многу радости на златното Светстко 2006, Фабио Гросо го води Бари. Гросо го памтиме по голот против Германија во 119’ минута од продолжението на полуфиналето а потоа реализираше пенал во победничката серија против Франција.