Летечки магариња или стари магариња од Киево

Италијанскиот прволигаш од градот Верона ги има најстарите фудбалери во Топ 5 европските лиги. Просекот на години на „жолто-сините“ од Верона е 32,9.

Некогаш, предводени од тренерот Луиџи дел Нери и Бразилецот со фалсификуван пасош Ериберто беа најголемиот фудбалски хит во Европа. Од почеток до крај на сезоната ги патосираа најголемите клубови во Серија А. Денес, тренерот Роландо Маран во соработка со управата, водат тим составен од ветерани. Играчи кои веќе одамна ја арчат 40-та.

Дури 15 фудбалери на „Летечките магариња“ се постари од 30 години. Таму ако кажеш дека имаш 29 ќе те сметаат за „петле“ што дошло во прв тим.

Тандемот меѓу стативите заедно има скоро 75 години. Легендарниот Стефано Сорентино кои фудбалски „ги надживеа“ Баџо, Малдини, Дел Пјеро, Виери, Инзаги, Неста и останатите минатиот март наполни 38 години и е „најстаро магаре“ во екипата.

Резервниот голман Валтер Брешан сезонава ниту еднаш во првенството не бранеше има 36 години.

Во одбраната ветерани колку ти душа сака: Џенаро Сарда има 38 години и скоро ќе прави 20 години од матура. 36 има Дарио Даинели а тука се уште и возрасните Масимо Гоби (36), Алесандро Гамберини (35), Боштјан Цезар (34), Николас Фреј (брат му на голманот Фреј, 33) и Фабрицио Качаторе кој неодамна наполни 30 години.

Во средниот ред, Мариано Иско кој беше икона во Катанија а сега е во Киево, има 34 години а по 30 имаат Перпарим Хетемај и Валтер Бирса. Легендата на клубот Серџо Пелисие кој доживотно ќе игра за Киево има 38 години а сезонава одигра 28 меча и даде 9 гола! Пелисие е и прв бомбардер на екипата.

Пелисие во Киево стигна пред цели 15 години од Варезе а во Серија А и Серија Б има повеќе од 150 гола. Негов ортак во нападот е 31-годишниот Рикардо Меџорини а друштво им прави и година дена помладиот Серж Гакпе.

Не е чудо што Киево е официјално највозрасната екипа во Европа, затоа што таа титула ја добиваа и во минатото. Едно е сигурно, „без старца нема ударца“, така што ’летечките магариња’ го исполнија зацртаното - опстанок во Серија А.

Следната година во Италија ќе се игра градското дерби на Верона, затоа што во лига се враќа истоимениот тим кој лани испадна.