Кореецот јунак на Тотенхем нема намера да се жени додека не заврши кариера

Никој не се наслади толку многу на долгоочекуваниот премин на новиот стадион на Тотенхем како Кореецот Сон Мин, кој благодарение на строгоста на татко му и тренерот Маурицио Почетино станал врвен фудбалер.

Минатата недела тој го постигна првиот официјален гол на ултра модерниот нов стадион - против Кристал Палас, а синоќа пак им донесе триумф на Спарси и тоа далеку поважен, во четвртфинале на Лига на шампиони против Манчестер Сити (1:0). Сон од тежок агол едвај ја смири топката, со еден потег го издрибла Фабиан Длеф и го совлада Едерсон со силен шут со лева.

Сезонава на 40 одиграни средби за Тотенхем, репрезентативецот на Јужна Кореа има 18 гола (минатата толку дал на 53 меча). За таков учинок најзаслужни биле строгиот татко и тренерот Маурицио Почетино.

****

Во мартовско големо интервју за The Guardian, Сон раскажал дека од детството тренира по многу часови. Така го строел татко му Сон Вун Чон, поранешен професионален фудбалер кој поради повреда ја завршил кариерата на 28 години. Но својата животна желба сакал да ја реализира до крај преку неговите синови: Сон и неговиот постар брат немале друг избор.

Како мали браќата многу се закачале а тоа го нервирало татко им, па ги казнувал: „Не тераше 4 часа да жонглираме со фудбал! После три саати веќе ми се матеа очите, а подот ми изгледаше црвен. Многу бев изморен. Толку време да држиш топка да не паѓа на земја. Тешко е, нели?“, рекол најдобриот корејски фудбалер.

Уште позезнато било кога татко му земал да ја тренира школската екипа во училиштето на Сон. Тогаш ги терал 40 минути да ја жонглира топката без да падне. Кога другите деца грешеле, не коментирал ништо. Кога ќе згрешел Сон, морал одново 40 минути додека не издржи до крај.

Најмногу работа Сон имал над послабата нога. Како деснак, морал да вежба со лева: дриблинг, пас, долги топки и шутеви. Како резултат на тоа, пазете ја статистикава: Сон 17 од вкупно 42 гола во Премиер лига ги дал со лева нога која сега му е еднакво активна како и десната.

Во есента тој се нашол на самиот врв на единствената листа на „двоножни“ фудбалери, односно играчи кои подеднакво добро играат и со лева и со десна во европските топ лиги: 42% од ударите, ѕвездата на Тотнем ги упатува со лева нога. Во Премиер лига, со послабата нога почесто шутирале само Адам Лалана и Педро.

А токму двата гола на новиот стадион - против Кристал Палас и Сити ги даде со лева нога.

****

Сон важи за апсолутен фудбалски манијак.

Човекот смислил различни ракувања со секој од соиграчите при прослава на негов гол или на тренинг или соблекувална. Тој немал пријатели надвор од фудбалскиот круг.

„Во Кореа немав можност да се гледам и дружам со никој, затоа што цело време тренирав. Кога бев во младинците на Хамбург, зборував само со дечките од клубот. Сега е исто. Може да се каже дека знам најмногу луѓе поврзани со фудбалот. Но тоа не ме вознемирува. Во фудбалот има полно интересни луѓе“, рекол Сон уште додека играл за Леверкузен пред да дојде во Премиер лига.

Тој за ништо не би го менувал досегашниот пат: „Возам само од дома до тренинг и обратно“, раскажал еднаш во Леверкузен. А во Лондон живее во трособен стан заедно со родителите.

Во минатото тој се гледал со поп-ѕвездите од Кореја, тамошни глумица и пеачка, Бан Мин А и Јо Со-Хин. Во моментов бил сингл, и веројатно на подолго ќе биде така.

Татко му го советувал да не планира да се жени додека не ја заврши играчката кариера.

„Се согласувам со татко ми. Кога ти се жениш, семејството излегува во прв план, жената и децата се најважни, а дури потоа доаѓа фудбалот. Мене ми е важно додека играм на топ-ниво, фудбалот да ми биде најважен. По крајот на кариерата, таму некаде на 33-34 години, те чека долг семеен живот“, вели јунакот на Тотенхем и миленик на навивачите во северен Лондон.

Многу играчи и тренери (на пример Герет Бејл и Пеп Гвардиола) се релаксираат од фудбал играјќи голф. Но тоа не е место за одмор за Сон.

„Голем дел од времето стоиш во место и ништо не правиш, само стоиш. Голфот е многу популарен во Кореа, и јас понекогаш го гледам на телевизија. Но да го играм? Удираш топче што е можно посилно, а потоа одиш по него. Па подобро ќе останам дома, ќе одмарам и ќе слушам музика“, искрено вели младиот Кореец, најдобар фудбалер во Јужна Кореа.

Во првата сезона во Премиер лига, Сон 13 пати беше стартер во почетниот состав. Во летото 2016-та тој сакал да замине зошто не добива доволно играчко време, но Почетино го убедил и наговороил да остане.

 

За тој период и како го мотивирал Сон, тренерот Почетино раскажал во својата книга Brave New World: Inside Pochettino’s Spurs: „Еден клуб од Германија сакаше да го купи и ветуваше дека сигурно ќе го играат стандардно. Јас секогаш зборувам дека такви ветувања за отровни за еден фудбалер. Подобро да биде сигурен дека ќе играш само ако си подобар од соиграчите. Ако тоа не е пропишано претходно, тоа е ризик и играчот може да падне во форма.

Ние му кажавме на Сон што треба да прави ако сака да игра. Тој сакаше да замине после една слаба сезона, но му кажав дека е во моите планови и дека нема да го пуштиме. На крај реши да остане“.

Во пролетта 2017-та Почетино бил незадоволен од нерешителноста на Сон на теренот. Еднаш дури му дал и ултиматум: „Ако продолжиш вака, ти нема да ни требаш“.

На Кореецот му покажале видео на кое тој во два моменти не тргнува напред кон голот каде има голем простор, туку ја задржува топката и се мисли. „Тоа го збуни и него и екипата, и тој се согласи: да, згрешив. Не сакав да го ставам против Милвол во Купот, но го пуштив и тој беше фантастичен“, се сеќава Почетино на уште една епизода со Сон.

До мечот со Милвол тој не дал гол скоро еден месец. А дента направил хет-трик!

Сезонава Тотенхем секогаш и секаде победува кога Сон ќе даде гол. „Следен пат кога ќе постигне погодок, ќе отидам во соблекувална да се истуширам и да го дочекам крајот на мечот“, рекол Почетино после голот на Кореецот против Борусија.

Така беше и синоќа против Манчестер Сити во Лига на шампиони, кога Почетино можел да отвори шампањско после мајсторијата на Сон: