Колку луѓе и клубови го одбиле малиот Модриќ зошто бил слаб и низок

Околностите во кои се наоѓал најдобриот фудбалер на светот за 2018, секого би натерале да крене раце од сè и да се занимава со нешто трето. Но не и Модриќ кој ги издржал сите омаловажувања и потценувања.

„Кого сте ни пратиле бе? Кој го донел ова дете коска и кожа? Вие се спрдате ли со нас?“.

„Имам многу ѕвезди, но особена чест ми е да зборувам за него. Неговата смиреност со топката е на неверојатно ниво. Тој и самиот е спокоен. Прави екипата да игра подобро“.

Автор на првата фраза е Ивица Ѓидиќ, некогашен соиграч и подоцна другар на Лука Модриќ во Зрињски Мостар, клуб на хрватската заедница во Босна и Херцеговина. А втората реченица ја изрекол Зинедин Зидан.

****

Првпат Модриќ се разочарал од фудбалот на 10 години.

Во 1995 година неговиот прв тренер Станислав Башиќ му договорил проба во Хајдук - малиот Лука навивал за тој клуб. Но во Сплит се испоставило дека е најнизок и најслаб меѓу сите деца и на третиот ден го вратиле дома под изговор дека е „коска и кожа“.

Лука разочаран се вратил во родниот Задар меѓу пионерите кој ги тренирал Башиќ. Долго време бил разочаран и тажен и размислувал да го напушти фудбалот.

Среќа тренерот Башиќ го предомислил. А и освен што би правел друго Лука освен да игра фудбал?

За жал, не било чудно што Лука бил така слаб и мал. Неговото семејство преживеало тешки времиња. Поради воениот виор во Југославија, го напуштиле домот и избегале во пристанишниот град Затон каде живееле во еден хотел.

Голем дел од платата татко му ја давал за постојаните фудбалски потреби на малиот Лука. Едвај им останувале пари да се прехрани четиричленото семејство.

Првта искра во очите на родителите за Лука светнала после еда година кога пионерите на Хајдук и Задар играле на турнир во Италија. Модриќ таму демонстрирал раскошна техника и го дриблал пола Хајдук.

Но и натаму никој не бил воодушевен од него - тренерите сметале дека е многу слаб и исушен. Техниката што ја имал била во втор план.

„Тогаш ценеа снажни фудбалери, а Модриќ беше лесен к’о лист“, се сеќава Миодраг, неговиот детски тренер од Задар.

Во 2001 година Башиќ качил во кола 15-годишниот Модриќ и го однел во Динамо Загреб на проба. Но и таму тотално не верувале во него. Две години играл за младинците а во 2003-та година го пратиле на едногодишна позајмица во Зрињски Мостар од Босна.

***

Физички кревкиот 18-годишен Лука стигнал во неверојатно жестока и груба лига каде месните касапи неретко им кршеле нозе на противниците. На страна што е опасно да се игра во средините каде Зрињски не е добродојден и каде Хрватите се навредувани од трибините.

„Тој што заиграл во Босна, ќе игра секаде“, се сеќава Лука Модриќ на позајмицата во Зрињски.

Во прво време му било многу тешко: на првиот меч во 30’ минута барал измена и со свирежи бил испратен на клупата за резерви. Главен проблем му била издржливоста. Пробал да крева товар месец-два но сфатил дека вежбањето во теретана не е за него.

Затоа со поимањето на играта и техниката ги избегнувал жестоките дуели од ривалите.

„Тој секогаш беше слаб во дуелите, но вешто знаеше да ги избегне. Како и ден денес“, се сеќава Богдан Зречко, тренерот на Лука од Интер Запрешиќ. 

Иако на Зрињски не му одело добро, Лука Модриќ за брзо станал најдобар играч на екипата - фудбалер за кого публиката доаѓала на стадион.

Постепено се навикнал на условите во лигата и веќе не барал измена до 60 минута како претходно.

Лука во сезоната 2002/2003 бил прогласен за најдобар играч во првенството на БиХ. Сите весници во Босна пишувале за него и тој радосен се вратил од позајмица во Загреб но таму го чекало ново разочарување: тренерите не ги занимал неговиот успех и го пратиле на нова позајмица.

Отишол во Интер од Запрешиќ (мало градче близу Загреб). И таму ја потврдил својата класа. За една година станал лидер, ја водел екипата до второ место во лигата (најдобар успех во историјата на Интер Запрешиќ) и го однел клубот во Куп на УЕФА.

Дури кога за него загризале Јувентус, Интер и Арсенал, на шефовите на Динамо Загреб им дошло памет да му дадат шанса.

Дојден на „Максимир“ како прекален во тврдата лига на БиХ и Запрешиќ, Лука на Динамо му носи три шампионски титули и после три години станува репрезентативец на Хрватска.

Во ноември 2007 е дел од составот кој ќе ја растури Англија на „Вембли“ со 2:3 и ќе ја исфрли од борбата за Европско 2008.

На Европското Лука игра стандардно и станува еден од најдобрите млади играчи на турнирот. Кога изгледало дека сите проблеми се зад него и дека ќе го реши животното прашање на себе и на родителите, Модриќ го чека нова неизвесност.

Многу клубови се јавуваат во Загреб за него, но браќата Мамиќ (Зоран и Здравко) не сакаат да слушнат за цена под многу милиони евра.

Во 2008 Арсенал бил близу потписот со Лука но во последен момент се предомислиле: Венгер рекол дека со таква конституција Лука нема да може во Премиер лига. Модриќ тогаш се сетил како во Хајдук како мал го вратиле поради кревкоста.

****

Потоа на наговор на Роберто Печини, италијанскиот скаут кој го снимал Лука долго време, спортскиот директор на Тотенхем Дамјан Комоли решил да го одврзе ќесето за Модриќ.

„Заборавив на сите бројки и просто се вљубив како игра“, се сеќава Англичанецот кој интервенирал кај претседателот на Тотнем Даниел Леви за да го потпишат Лука што е можно побрзо.

По многу напорни преговори со Мамиќи, Модриќ конечно потпиша со Тотенхем и на „Вајт Харт Лејн“ заигра како никогаш. Со него „Спарс“ го играа најдобриот фудбал во Англија, ја прекинаа хегемонијата на големата четврорка и се пласираа во Лига на шампиони.

„Кога луѓето зборуваа дека нема да можам да играм во Премиер лигата, тоа беше дополнителен стимул за мене. Мечтаев да докажам дека грешат“, се сеќава Модриќ.

Од тој момент завршило времето во кое многумина не верувале во кревкиот Лука а тој ја восхитувал цела англиска Премиер лига.

Човекот кого го тапшале по рамо во соблекувална денес е најдобриот фудбалер на светот, 10-ка на Реал Мадрид со кого освои четири пехари во Лига на шампиони и каппитен на светскиот вицешампион.