Кој што купи од Италијаните и колку потроши?

На 2 септември заврши летниот преоден рок кој остави силен белег во Серија А. На чизмата слетаа јаки фаци кои се очекува да го подигнат квалитетот на италијанскиот фудбал, како и да го зголемат интересот.

Ќе ви ги презентираме трансферите на најзвучните шест италијански прволигаши Јувентус, Наполи, Интер, Милан, Рома и Лацио кои ова лето заедно потрошиле вкупно 670 милиони евра за засилувања.

Не е тоа мала пара и затоа во Италија пристигнаа играчи од Премиер лига, Ла Лига, Бундеслига и Лига 1.

Трошаџија број 1 очекувано е Јувентус со 188 милиони евра за трансфери. Не знаеш дали им е поопасен првиот тим или клупата. Покрај ангажирањето на бисерот од Ајакс, Матијас де Лихт, донесоа и имиња како Рабио, Данило, Рамзи, а го вратија и Буфон.

Наполи потроши 99 милиони евра за четири засилувања, а во последниот ден гратис го ангажираа Љоренте од Тотенхем. Посебен ќеиф на македонската публика и направија со ангажманот на Елмас.

По Јуве, најмногу на трансфер пазарот се отвори Интер кој издвои 160 милиони. Од Олд Трафорд на Меаца се преселија ѕвездите Лукаку и Санчез, од Мадрид пристигна столбот Годин, а на клупата седна Антонио Конте. Се поздравија и со звучни имиња како Икарди, Перишиќ и Наинголан.

Милан беше тивок и помина со 80 милиони, но кај нив управата мора да игра претпазливо поради проблемите на финансискиот фер плеј. За да се опорават финансиски побараа и добија да не играат во Лига Европа.

Рома беше многу активна и со влезни и со излезни трансфери. Издвои 109 милиони евра и реши да направи многу измени во тимот со познати имиња од силни екипи како Манчестер Јунајтед, Челси, Арсенал, Јуве, Атлетико, Наполи...

Кој прати италијанско, знае што чурук човек е Клаудио Лотито. Потрошените 33 милиони евра ќе ги величи како да се 100. Освен крилото Лацари, другите засилувања му се кои од кои.