Кој е новиот дефанзивец на Реал кој го платија 50 милиони евра?

Се вика Едер Милитао, има само 21 година, стартер е во Порто со кој стигна до четвртфиналето во ЛШ. Кралевите дознаа дека во Португалија го следеле скаути на Манчестер Јунајтед и побрзаа со засилувањето во задната линија која им ја осакати Ајакс.

Помеѓу бројните лоши резултати и силната струја на незадоволство на навивачите, напорите на Реал Мадрид за обновување на тимот кој освои четири од претходните пет титули во ЛШ, продолжуваат со несмалено темпо.

Младите надежи како Винисиус Јуниор (18), Федерико Валверде (20) и Серхио Регулон (22) редовно се појавуваа сезонава, а во јануарскиот преоден рок пристигна Брахим Дијаз (19) од Манчестер Сити.

Подмладувањето на тимот продолжи со потписот на Едер Милитао вреден 50 милиони евра кој од Порто во Реал ќе премине по завршувањето на оваа сезона.

21 годишниот Милитао му се приклучи на Порто во август минатата година од тимот на Сао Паоло. Обично на многу Бразилци на тие години им треба малку повеќе време за да се адаптираат на европскиот фудбал, но Серџо Консеисао има целосна доверба во него и тој имаше клучна улога во прогресот на Порто во топ 8.

Милитао до сега испушти само еден меч во Лига на шампиони каде игра централно во тандем со другиот Бразилец Фелипе, па дури и постигна многу важен гол против Шалке во групната фаза.

Се работи за централец дефанзивец кој во осминафиналниот двобој против Рома импресионираше со својата разновидност во играта како десен бек. Беше многу динамичен и брзо знаеше да се врати и да ја компонира одбраната.

Има знаци дека се работи за чист стопер со прилично ентузијастички решенија во одбрана. Во Сао Паоло во 2018-та добил 6 жолти картони на 13 средби.

Иако е уште млад, сепак Милитао покажува голема зрелост и позитивна свест, како и интелигенција која е реткост за негови години. Тој сè уште ќе го пече својот занает, но лесно е да се разбере зошто Реал брзаше за да го обезбеди за следна сезона.

Серхио Рамос има 32 години, а Начо покажа дека не е на висина на задачата, особено во понижувачките 1:4 против Ајакс. Покрај тоа, Кралевите знаеа дека не се единствени обожаватели на Милитао.

Манчестер Јунајтед прати скаути за да го следат сезонава на мечот Порто – Национал, а неговиот развој го следеше и Ливерпул. Затоа Реал немаше многу време за чекање и реши предвреме да ја плати клаузулата за негов откуп.

Дали е подготвен за бруталната јама наречена Сантијаго Бернабеу останува да се види.

15 март 2019 - 11:23